Металург отвори ракометна школа во Крива Паланка

29.04.2018 23:27
_DSC0105_resize

Ракометната Академија Металург продолжува со отворање на ракометни школи ширум Македонија, водејќи се од желбата да го врати ракометот во градовите кои во минатото имаа квалитетен ракомет. Од денес, нашата Академија е побогата за школата во Крива Паланка, со што е возобновена традицијата на ракометот во овој град, по еднодецениска пауза.

Школата е отворена во убавата спортска сала „Пеар Поп Арсов“, а за отворена, во присуство на директорот на Академијата Металург Тони Ристески, ја прогласи градоначалникот на Крива Паланка, г-нот Борјанчо Мицевски.

Ракометот имаше традиција во Крива Паланка, а во 80-те години на минатиот век постоеше шампионски тим којшто достигна пласман и во втората ракометна лига, но поради немањето услови за настап во повисокиот ранг, не продолжи со натпревари. Потоа, во деведесеттите години група ентузијасти ја обнови ракометната спортска традиција, која сепак имаше застој , за да денес, на вадоволство на сите, младите од градот повторно добија можност да тренираат ракомет со школата, која со помош на Академија Металург, ја востановуваме. Водејќи се од мотото – во здраво тело, здрав дух, посакувам младите, кои пројавија интерес да тренираат ракомет, да бидат идните репрезенти на грaдот во национални и меѓународни рамки“, истакна градоначалникoт на Крива Паланка.

Чест ми е да ја прошириме академијата со уште една школа, наша 27-ма во десетина градови во Македонија , а со истата да ја продолжиме и традицијата на РК Партизан во Крива Паланка. Со задоволство ја прифатив идејата на градоначалникот Борјанчо Мицевски и искрено верувам дека школата ќе има голем успех и дека набрзо ќе се инкорпорира во нашата академија така што во иднина ќе очекуваме ракометари од овој град да го носат националниот дрес, почнувајќи од пионерска, па се до сениорска селекција“, изјави директорот на Академија Металург Тони Ристески, кој од името на Металург на школата и поклони основни реквизити за обавување на тренинзите.

На отварањето беа поканетии поранешни ракометари од овој град, кои евоцираа спомени од богатото ракометно минато на Крива Паланка и на РК Партизан.

Тренинзите ќе се реализираат два пати неделно, а ќе ги спроведуваат тренерите Оливер Златковски и Горан Цоневски.

Ова е важен датум за Крива Паланка и за ракометот во нашиот град, бидејќи овој спорт им го враќаме на нашите сограѓани. Ракометот секогаш имал свое место во Крива Паланка и верувам во светлата иднина. Се надевам дека во иднина млади ракометари и ракометарки ќе го понесат дресот на Металург и на македонската репрезентација, млади луѓе со кои ќе се гордее Крива Паланка“, изјави Оливер Златковски.

Отворањето на ракометната школа во Крива Паланка, како дел од Академијата Металург, е важен чекор во возобновувањето на ракометот во нашиот град. Се надевам дека нашата школа ќе стане место каде децата ќе ги реализираат своите спортски амбиции и ќе успеат да ја надминат славната генерација на РК Партизан“, вели Горан Цоневски, еден од двајцата тренери на школата.

Веднаш по свеченото отворање, во школата се запишаа триесетина деца, кои го одржаа и својот прв тренинг.

Прочитано 350 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − 6 =