Металург поразен во Чехово

13.10.2018 17:34
MJI_5969_resize1

Металург ја загуби и средбата од петтото коло на групната фаза на Лигата на шампионите. На гостувањето во Чехово, загубивме од екипата на Чеховски Медведи, со резултат 33:25 (18:13), со истиот со кој ја загубивме и средбата од претходното коло против Силкеборг.

Но, за разлика од претходните четири средби во Лигата на шампионите, овој пат натпреварот го загубивме уште во првото полувреме. Многу рано, уште во 10-тата минута противникот имаше водство од 7:3, а во 15-тата и цели 6 гола, 10:4. Имавме слаба реализација во нападот, а игравме и многу лошо во одбраната. Иако повремено успевавме да го намалиме резултатот, по првите 30 минути на семафорот стоеше резултатот 18:13.

Својот најдобар дел од средбата го имавме во првата половина од вториот дел. Даниловски забележа четири едноподруго одбрани и тоа ни даде можност да реализираме серија од 3:0, за 18:16. Кога уште и добивме играч повеќе, по исклучувањето на Андреев, се понадевавме на целосен пресврт. Но, место ние, два гола ни даде противникот и во најлош момент се врати на позитива од 4 гола. Најблиску до пресврт бевме во 43-та минута, кога со голот на Токиќ намаливме на само гол негатива, 21:20. Но, тоа беше се од нашиот напор да го прекршиме резултатот. Влеговме во нашите познати “црни дупки“ и во следните осум минути постигнавме само 1 гол, а примивме 7, за 28:21. Ова дефинитивно го реши натпреварот, кој заврши со убедлив пораз на нашиот тим.

Една од ретките светли точки на овој натпревар се првите два гола на 15-годишниот Стефан Додиќ во Лигата на шампионите.

Инаку, како што е веќе познато, на оваа средба останавме без советите на тренерот Данило Брестовац, кој е казнет од ЕХФ. Место него екипата ја водеше неговиот помошник Оливер Димитриоски.

Со Чеховски Медведи ќе се сретнеме и во следното коло, овој пат во Скопје. Оваа средба ќе се одигра на 4 ноември, со почеток во 17 часот.

.

Чеховски Медведи – РК Металург  33:25 (18:13)

Чеховски Медведи: Павленко (12 одбрани), Грушко (1 одбрана), А.Котов 2, Карлов 3, Косоротов 3, Василев, Санталов 6, Острашченко 5, Куретков 3, К.Котов 1, Каменев 1, Маслеников 1, Корнев 2, Фурцев 2 и Андреев 4.    Седмерци: 3/4.    Исклучувања: 12 минути.

РК Металург: Даниловски (7 одбрани), Томовски (2 одбрани), Јагањац 7, Токиќ 4, Велковски 3, Танкоски 3, Додиќ 2, Миличевиќ 2, Лазаревски 2, Маџовски 1, Арсеновски 1, Јагуриновски, Димитриоски и Шилегов.    Седмерци: 2/3.    Исклучувања: 2 минути.

Прочитано 273 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 + 1 =