МЕТАЛУРГ ПОВТОРНО ВО ДРУШТВО НА НАЈДОБРИТЕ

09.09.2012 21:40
2012-07-06_ligue_champions_resultats_tirage_sort

Во ретко виден натпревар, Металург „прелета“ преку Хаслум и повторно ќе игра во Лигата на шампиони.

Ако кај некого постоеше сомневање, ако некој чувствуваше притаен страв, ракометарите на Металург многу брзо ги ослободија и едните и другите. Натпреварот помина во целосна доминација на нашиот шампион, кој на противникот му дозволи само едно израмнување, при 1:1. Извојувавме лесна и блескава победа, многу полесна од сите наши очекувања.

Уште во самиот почеток, во периодот од 4-та до 9-та минута, направивме серија од 6:0, која ги уништи амбициите на домашниот тим и која јасно го посочи победникот на денешната средба.

 Нова серија од 5:1, од 16-та до 29-та минута, и стигнавме до 16:7. Полувремето заврши со резултат 16:8. Одигравме фантастична одбрана, која двапати по 8 минути не му дозволи на противникот да постигне гол. Јунак на првото полувреме беше Филип Миркуловски, кој шест пати ја затресе мрежата на Хаслум.

Вториот дел почна многу порамноправно, а ракометарите на Хаслум ги вложија своите последни сили за да се доближат до нашиот резултат. Тоа им успеа само накратко, кога дојдоа до негатива од шест гола, 19:13 и 22:16. До крајот на средбата играше само Металург, кој во 57-та минута дојде до најголемата разлика од 11 гола. Нашите последни три гола ги постигна Левов.

На голот на Металург одлично бранеа Станиќ во првото и Ангелов во второто полувреме.

РК Металург – Хаслум 30:20 (16:8)

РК Металург: Станиќ, Ангелов,Димовски 2, Георгиевски 2, Козлина 3, Манасков 3, Миркуловски 8, З. Мојсоски 1, Додер 1, Н. Мојсовски 6, Батиновиќ 1, Алушовски, Јоновски, Левов 3, Маркоски и Наумовски.

Хаслум: Стромберг 2, Корен 1, Халдорсен 1, Тобиасен 1, Клев 1, Бартхолд 3, Јилденбак 3, Кристенсен 3, Хауге 2, Рое 3, Хакај, Јоханесен, Моен, Мотроен, Тјемсланд и Товас.

Тек на резултатот:  1:1, 8:2, 10:3, 14:6, 16:8 (полувреме) 19:9, 19:13, 22:15, 29:18, 30:20 (крај)

Со оваа победа Металург обезбеди ново (четврто) учество во групната фаза на Лигата на шампиони. Македонските ракометни сладокусци ќе имаа можност во Скопје да ги видат екипите на Шамбери, Киелце, Горење, Ст. Петербург и Силкеборг. Нѐ очекуваат жестоки дуели, преку кои ќе се обидеме да го повториме ланскиот успех, а потоа да стигнеме таму каде што никогаш не сме биле, меѓу осумте најсилни клубови во светот.

Металург во Скопје ќе пристигне утре во 11.45 часот.

Прочитано 1.646 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 6 = 0