Металург преку Пролет обезбеди полуфинале во Купот на Македонија

20.04.2019 22:20
DSC_3588_resize

Металург вечерва го доби финалниот натпревар од групата 2 во Купот на Македонија. Овој натпревар се одигра во Автокоманда, а наш противник беше екипата на Тинекс Пролет. Сметајќи на тоа дека водевме во сите 60 минути и не му дозволивме на противникот ниту да го израмни резултатот во текот на целата средба, славевме со скромни 31:29 (16:15). Без да го омаловажиме силниот отпор на нашиот противник, вината што не славевме со поголема разлика треба да ја бараме во нашите редови, бидејќи направивме веројатно рекорден број на технички грешки, а не реализиравме и многу зицер-шанси, од кои навистина е тешко да се промаши.

Се почна според нашите очекувања. Металург поведе со 4:0, а потоа оваа разлика ја одржуваше во најголемиот дел од првото полувреме. Лесното и комотно водство како да ги успа нашите ракометари, па во последните десетина минути дојде до неочекуван пад во нашата игра, што противникот го искористи и до крајот на првите 30 минути стигна до негатива од само еден гол, 16:15.

Вториот дел мина во голема борба за секој гол. Металург постојано создаваше предност од 3, 4 гола, но потоа непотребно грешеше и му дозволуваше на противникот да се врати во игра. Овие циклуси траеа до самиот крај на средбата, која сепак заслужено заврши во наша полза.

.

РК Металург – РК Тинекс Пролет  31:29 (16:15)

РК Металург: Томовски, Дупјачанец, Даниловски, Јагуриновски 5, Лазаревски, Димитриоски 3, Токиќ 8, Шилегов 1, Танкоски, Шпенде 5, Пучник 3, Миличевиќ 1, Маџовски 2, Стојановиќ, Матијашиќ и Арсеновски 3.   Седмерци: 1/1, Исклучувања: 10 мин.

РК Тинекс Пролет: Кимевски, Коруновски, Кристо, Аларов 4, Јовчевски 1, Давитковски, Ф. Василевски 5, Манев, Ролевски, Трајковски, Андоновски 6, Џонов 6, Мајнов 3, Дамчевски, Стојановски, Манасков 4.   Седмерци: 3/5, Исклучувања: 4 мин.

Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје.

Делегат: Драган Начевски од Скопје.

Прочитано 278 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 − = 3