Металург пружи силен отпор, но бодовите сепак му припаднаа на Вардар

30.08.2018 01:01
GIL_0672_resize

Металург и Вардар го одиграа својот прв официјален натпревар во новата сезона. Во рамките на првото коло на СЕХА-лигата, Вардар на својот домашен терен го совлада Металург, со резултат 34:28 (17:15).

Победата на Вардар е убедлива, но се чини дека Металург заслужи подобар резултат, бидејќи во најголемиот дел од средбата се играше рамноправно, иако Вардар имаше постојана предност од еден до три гола.

Во првите 17. минути, се до резултат 10:10, двете екипи се менуваа во водство, а Металург играше мотивирано и амбициозно. Сепак, поискусниот Вардар искористи мала криза во нашите редови и, со серија од 4:0, првпат дојде до поосетна предност, 14:10. Металург брзо се врати и не му дозволи на својот противник да ја зголеми својата предност. На полувреме екипите заминаа при резултат 17:15 во полза на Вардар.

Металург подобро го отвори вториот дел и веќе во 38. минута го израмни резултатот, 20:20, после што следеа неколку минути во кои екипите наизменично постигнуваа голови.  Во 43. минута атмосферата на теренот се вжешти и беа исклучени неколку ракометари од двата тима. Во настанатата бркотница подобро се снајде поискусниот Вардар, кој набрзина создаде недостижна предност, која во 56. минута ги достигна максималните +8, 33:25. Во овој период Металург направи неколку технички грешки, но и немаше среќа, бидејќи дури четири наши удари завршија во стативата на Вардар. Во овој период се почувствува и замор кај нашите ракометари, па се што успеаа да сторат до крајот е да ја намалат предноста на Вардар до конечните +6, 34:28.

За жал, на ова средба се повредија Мартин Велковски и Димитар Димитриоски, кои не го завршија натпреварот и не можеа да му помогнат на својот тим.

.

Вардар – Металург   34:28 (17:15)

Вардар: Милосављев (12 одбрани), Кизиќ, Петковски, Недановски 1, Поповски 1, Кристопанск 4, Мораеш 8, Скубе 2, Калараш, Чупиќ 4, Дибиров 5, Горбок 2, Шишкарев 4, Војводиќ 1, Кисељев 1, Мишевски 1.   Седмерци: 3/3,  Исклучувања: 14 мин.  Црвен картон: Тимур Дибиров во 43. минута.

Металург: Томовски (9 одбрани) 1, Даниловски, Јагуриновски 4, Јагањац 6, Лазаревски, Димитриоски 1, Токиќ 3, Шилегов 2, Танкоски 3, Серафимов, Кузмановски 4, Велковски 1, Додиќ, Маџовски 2, Матијашиќ, Арсеновски 1.   Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.

Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

Прочитано 688 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 + 3 =