Металург со многу напор го совлада цврстиот тим на Бутел

24.04.2019 22:06
_DSC0079_resize

Многу потешко од очекуваното, Металург дојде до трите бода во мечот против екипата на Бутел. Средбата се одигра во Автокоманда и заврши со резултат 24:23 (13:13).

За жал, и денеска, како и на Куп средбата со Тинекс Пролет, нашиот најголем проблем беше токму нашата игра. Многу технички грешки, кратки и недисциплинирани акции, избрзани шутеви, пет чисти, но нереализирани зицери и три стативи се елементи што допринесоа првото полувреме да мине во знакот на Бутел. Гостите имаа постојана предност, која во еден момент изнесуваше загрижувачки 6 гола, 3:9.  Требаше да мине половина од првото полувреме за да нашите ракометари конечно да се консолидираат и да заиграт онака како што тоа сите го очекуваме од нив. Металург до крајот на првите 30 минути успеа комплетно да ја анулира предноста на гостинскиот тим, па на одмор екипите заминаа при резултат 13:13.

На почетокот на вториот дел имавме три шанси за прво водство, но не ги искористивме, па затоа и првите десет минути минаа со предност на нашиот противник. Дури во 40. минута Металург го забележа своето прво водство, при 17:16, и од тој момент иницијативата и предноста беа во наш посед. Во два наврати имавме предност од три гола, но, место да ја зголемиме разликата, повторно влегувавме во серија грешки и му дозволувавме на противникот да дојде на само гол негатива. Вистинска драма се случи во последните 70 секунди, при резултат 24:23. Најпрво Металург направи техничка грешка и ја загуби топката, а потоа Бутел имаше цели 65 секунди да го подготви својот последен напад и да се обиде да го израмни резултатот. Гостите останаа во посед на топката до самиот крај, но нашата одбрана не им дозволи да упатат удар. На крајот времето истече и остана да се изведе само удар од линијата за 9 метри. За среќа, ударот на Григориев отиде на само неколку сантиметри над пречката на нашиот гол, па трите бода останаа во Автокоманда.

Во секој случај, ова е добра опомена за нашите ракометари, кои допрва ги очекуваат најтешките натпревари – двете гостувања во Битола, двете средби со Вардар, па и гостувањето кај цврстиот тим на Бутел.

.

РК Металург – РК Бутел Скопје  24:23 (13:13)

РК Металург: Дупјачанец, Даниловски, Јагуриновски, Лазаревски 1, Димитриоски, Токиќ 4, Шилегов 4, Танкоски 4, Серафимов, Младеновиќ, Шпенде 5, Пучник, Миличевиќ 1, Маџовски 5, Стојановиќ и Арсеновски.    Седмерци: 4/4. Исклучувања: 6 мин.

РК Бутел Скопје: Блажески, Панченко, Трајковски, Лазароски, Младеновски 7, Стојановски 1, Божиновски, Спасовски, Мојсоски 1, Ѓеоргиевски 5, Николов, Печенковски, Давидовиќ, Григориев 3, Василевски, Мајиќ 6.    Седмерци: 1/2. Исклучувања: 6 мин.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

Прочитано 314 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − = 1