Младинците на Металург 2 го “прегазија“ Прилеп

25.11.2018 21:19
_DSC0115_resize

Во седмото коло на младинското првенство на Македонија, група 2, младинците на Металург 2 во Автокоманда ја пречекаа екипата на Прилеп.

Натпреварот мина во апсолутна доминација на нашите младинци, кои извојуваа убедлива победа, со резултат 34:19 (21:10).

Од самиот почеток, откако Металург 2 поведе со 6:0, се почувствува дека гостите денеска ги чека тежок пораз. Иако нашите ракометари вчера имаа исклучително тешко гостување во Кавадарци, во рамките на Првата лига, тоа не се одрази ниту на нивната желба за победа, ниту пак на нивната физичка подготвеност, бидејќи денешниот натпревар го одиграа во еден здив и без калкулации. По првите 30 минути имавме недостижни +11, 21:10, и беше само прашање со колкава разлика ќе ги испратиме гостите од Прилеп.

Во второто полувреме Металург 2, задоволен од постигнатото, го намали темпото, но и овој период го доби со резултат 13:9, за конечни 34:19.

Ова беше последен натпревар од есенската полусезона. Металург 2 заврши на првото место, со шест победи и еден нерешен резултат, и со освоени 19 бодови. Исто толку има и КЛ-7 Струга, но Металург 2 има позитивна гол-разлика од 79 гола, додека нашиот конкурент само 23.

.

РК Металург 2 – РК Прилеп   34:19 (21:10)

РК Металург 2: Божиновски, Михајлов 6, Кондев 6, Меловски 1, Кофилоски 7, Митиќ, Лембанов, Ристовски 5, Л.Додиќ, Младеновиќ 4, Тодески 3 и Гајиќ 2.    Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 6 минути.

РК Прилеп: Ангелески, Милошоски, Ивчески, Крстески 2, Јосески 1, Х.Павлов, Чупетрески, Илиески 7, Трајкоски 5, Вренцоски 1, Шокоски, Темелкоски 1, С.Павлов, Рајатоски и Алексоски 2.    Седмерци: 5/6.   Исклучувања: 4 минути.

Судии: Јашар Лејла и Капсарева Михаела од Скопје.

Делегат: Белимов Кристијан од Скопје.

Прочитано 229 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 3