Младинската полуфинална драма му припадна на Металург 2

10.05.2018 14:59
DSC_1350_resize

Автокоманда денеска е домаќин на фајналфор-турнирот во машка младинска конкуренција. За нас најинтересно беше второто полуфинале во кое, по голема драма, победи РК Металург 2, со среќен гол на Ненад Костески по истекот на регуларните 60 минути.

Металург 2, кој во истиот состав се натпреварува во македонската Суперлига, во игра не ја искористи несомнената разлика во квалитетот на своите ракометари и до победата стигна со еден прецизен удар преку поставениот жив ѕид на противникот. Последните 30 секунди од средбата беа кулминација на драмата што ја следевме во текот на целиот натпревар. Металург во тие 30 преостанати секунди влезе со предност од еден гол, но и со завршен напад. Но, ракометарите на КЛ-7 Струга го пресекоа нашиот напад, ја освоија топката и на 18 секунди до крајот го израмнија резултатот. Металург се обиде да организира напад, но со неколку фаули противникот ги спречи сите наши обиди и успеа да го сочува нерешениот резултат. На крајот, по истеченото време, преостана да се изведе само слободниот удар, при поставен жив ѕид на противничките ракометари. Неверојатно прецизен, веројатно и среќен, беше нашиот Ненад Костески, кој успеа да постигне победнички гол и да го визира нашето учество во финалето.

Самиот натпревар мина во огорчена борба, меѓу две различни по квалитет екипи. Металург 2, иако поквалитетен, наиде на неверојатно мотивиран противник, кој буквално изгина на теренот и кој во поголем дел од средбата имаше резултатска предност. Металург 2 никако не успеваше да најде лек за цврстата, бескомпромисна и мотивирана игра на КЛ-7 Струга, па го загуби првото полувреме. Средбата се реши во вториот дел во кој најпосле дојдоа до израз квалитетот на Металург 2, нашата подолга клупа и нашата надмоќна физичка подготовка.

Во финалето, кое е закажано со почеток во 19.30 часот, ќе се сретнеме со екипата на Вардар, која во првото полуфинале го совлада тимот на Борец, со резултат 26:18 (10:9).

РК Металург 2 – РШ КЛ -7 Струга  21:20 (8:11)

РК Металург 2:  Василевски, Петковски, Тодоров, Смилевски, Гајиќ, Костески 6, Младеновиќ 4, Кофиловски 1, Божиновски, Кондев 1, Лембанов 1, Ристовски 1, Додиќ 4, Трајковски 2, Митиќ 1 и Савковиќ.   Седмерци: 3/6.   Исклучувања: 12 минути.

РШ КЛ-7 Струга: Петрески, Стрезоски, Стефаноски, Џигероски 9, Попоски, Јовчев 3, Гучески, Христоски, Шулески, Симоноски 4, Матоски, Пајкоски 3, Ѓорговски, Стојков 1 и Харис.   Седмерци: 5/6.   Исклучувања: 12 минути.

Судии: Вукашиновски Александар и Трајковски Миро од Скопје.

Делегат: Костенчев Стево од Скопје.

.

Прочитано 546 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + = 7