Топ Вести

Младинското дерби за Металург 2, Вардар Јуниор падна во Автокоманда

03.02.2019 16:09
_DSC0184_resize

Во осмото коло на младинското првенство на Македонија, група 2, во Автокоманда се одржа големото дерби меѓу екипите на Металург 2 и на Вардар Јуниор. Видовме извонреден натпревар, достоен за имињата на двата ривали, кој на крајот заврши со убедлива победа на Металург 2.

Средбата почна со наизменично водство на двата тима, но по десетина минути Вардар Јуниор беше тимот што прв стекна предност од два гола, 4:6. Тоа беше знак за тренерот на Металург 2 Раде Стојановиќ да побара тајмаут, и тоа во вистинскиот момент, бидејќи Металург 2 се врати во игра со серија од четири невозвратени голови и водство од 8:6. Од тој момент, па се до крајот на средбата, Металург 2 имаше перманенто водство, без шанса за Вардар Јуниор да го сврти текот на средбата. Во 24. минута ги имавме максималните +5 во првиот дел од средбата, кој заврши со резултат 20:17.

Не се променија работите ниту во вториот дел од оваа интересна средба. Металург беше во постојано водство, кое постепено растеше, па веќе во 37. минута имавме позитива од седум голови, 26:19. Вардар Јуниор вложи многу напор за да го преокрени резултатот и повремено успеваше да ја намали сопствената негатива, но победата на крајот заслужено му припадна на Металург 2. Нашите ракометари славеа со резултат 37:29.

Сенка врз овој успех на Металург фрли тешката повреда на нашиот Симон Прентовски, кој на четири минути до крајот на средбата се здоби со повреда на коленото, чија тежина допрва ќе се утврдува.

Металург 2 славеше против Вардар Јуниор и во првата средба меѓу овие две екипи. Тогаш, на теренот на нашиот противник, славевме со 30.28 (13:13). Само да ве потсетиме, Вардар Јуниор се натпреварува во македонската Суперлига, додека Металург 2 моментално игра во Првата лига.

.

РК Металург 2 – РК Вардар Јуниор  37:29 (20:17)

РК Металург 2: Божиновски, Михајло 1, Кондев 8, Меловски 1, Кофилоски 1, Митиќ 6, Лембанов, Ристовски 4, Василевски, Серафимов 8, Л.Додиќ, Младеновиќ 2, Прентовски, Тодевски, С.Додиќ 5 и Гајиќ.    Седмерци: 6/7.   Исклучувања: 10 минути.

РК Вардар Јуниор: Кукуловски 5, Нанов 1, Постолов, Карапалевски 2, Чакалиќ, Петковски, Ќосевски 7, Ангелковски, Шкријељ, Крстевски 6, Трајковски, Ангеловски, Ѓоргиев 2 и Атанасовски 6.    Седмерци: 4/5.    Исклучувања: 8 минути.

Судии: Василевски Ѓорѓи и Трајковски Мирко од Скопје.

Делегат: Куртовиќ Цано од Скопје.

Прочитано 694 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 − = 2