НА ПОБЕДНИКОТ ЌЕ МУ СЕ ОТВОРИ ПАТОТ КОН ОСМИНАФИНАЛЕТО

18.10.2013 00:50
MJI_5346_resize

za tekst

Белоруски Динамо Минск е неделниот противник на Металург, во 4. коло на Лигата на шампионите. Минатата сезона Металург и Динамо Минск играа во осминафиналето од ЛШ, кога Металург славеше и во двата наврати со 24-22 и 26-23, а сезонава се директни конкуренти во групата Ц.

Натпреварот в недела ќе биде многу тежок, бидејќи желбата и потребата од победа создаваат дополнителен притисок. Овој натпревар е важен и за нас и за Динамо Минск и на победникот ќе му го отвори патот кон осминафиналето. Познавајќи се себеси и моите соиграчи, јас многу оптимистички гледам на овој дуел и се надевам дека со поддршка од публиката нема да имаме проблем да ги освоиме бодовите, изјави Русинот Павел Атман, кој вети дека во неделниот дуел ќе влезе со посебен мотив за победа против поранешниот клуб.

За Динамо минатата сезона играше и црногорскиот репрезентативен голман Раде Мијатовиќ, кој пред почетокот на новата сезона ги засили редовите на Металург.

Во никој случај не може да се прави споредба со ланската и со годинешната екипа на Динамо Минск. Тие сезонава составија речиси комплетно нова екипа. Покрај големата реформа во играчкиот кадар, на чело на екипата застана нов тренер, селекторот на словенечката репрезентација Борис Денич, кој со себе донесе тројца одлични словенечки репрезентативци. Познавајќи ги играчите што заминаа и тие што дојдоа во Динамо можам да кажам дека квалитативно се тука некаде како и минатата сезона, со таа разлика што старата екипа на Динамо играше долг период заедно и одлично се познаваа, а сегашната екипа уште се нема добро уиграно – појасни Мијатовиќ, голманот на Металург.

Динамо Минск сезонава го напуштија Раде Мијатовиќ, Павел Атман (во Металург), Олег Скопинчев, Владислав Остроушко, Олександер Шевелев, Ратко Николиќ, Сергеј Онуфришенко (во Мотор Запорожје), Андреј Капал (во Регија Минск), Васко Шеваљевиќ (во Хановер), а на нивно место дојдоа Иван Нинчевиќ (од Фуксе Берлин), Урош Бундало, Деан Бомбач (од Цимос Копер), Микел Агуирезабалага (од Барселона), Елдар Нашров (од С. Петербург), Дамир Доборац (од Градачац), Сергеј Шелменко (од Чеховски медведи) и Давид Миклавчиќ (од Горење).

– Динамо Минск има комплетно нова екипа. Деветмина го напуштивме тимот, главно носителите на играта, а нови осум ракометари дојдоа на нашето место, па не можам да кажам ништо конкретно за квалитетот и за силата на новиот Динамо – вели Атман.

Промена во играчкиот кадар имаше и екипата на Металург, која го зачува костурот на тимот и дополнително се засили со Атман.

– Во споредба со минатата сезона, Металург многу доби со доаѓањето на Атман. Една сезона поминав со него во Минск и можам да кажам дека важи за еден исклучително борбен и квалитетен играч, кој знае добро да одигра на сите три надворешни позиции, има многу силен и прецизен шут, кој многу тешко се брани – рече Мијатовиќ, кој смета дека на Металург би му дошло добро да има уште еден шутер од класата на Атман.

По досегашните три кола од ЛШ, Металург и Динамо Минск имаат по две победи и еден пораз и еднаков број бодови, четири. Металург ги совлада Вакер Тун и ПСЖ, а загуби од Барселона, додека Динамо Минск беше подобар од Вардар и од Вакер Тун, а загуби од ПСЖ.

Автор: Тања Димитриоска (“Нова Македонија“)

Прочитано 1.936 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 − = 5