НАЈДОБРОТО ДОПРВА СЛЕДУВА

28.11.2012 12:45
dimovski-mji-02_resize

Преземено од “Нова Македонија“.

Ванчо Димовски, капитен на Металург.

Ракометарот на Металург, Ванчо Димовски (33), зад себе има една од најдобрите години во неговата богата кариера, постигнувајќи ги најголемите успеси на клупски, на репрезентативен и на личен план.
Тој беше дел од најдобриот клупски резултат на една машка македонска екипа во европските купови, со пласманот на Металург во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), кој екипата од Автокоманда е на пат да го повтори и сезонава. Со Металург ја одбрани и титулата во македонскиот шампионат. Со националната селекција, пак, Димовски го освои 5-то место на Европското првенство во Србија во јануари, а обезбеди учество на уште едно големо натпреварување, на идното Светско првенство во Шпанија, кое се игра во јануари 2013 година. Неодамна го доби и признанието „13 Ноември“.

СЀ ТРГНА ОД УСПЕХОТ НА МЕТАЛУРГ ВО ЛШ

Добриот почеток на годината бил видлив уште со големиот успех на Металург со пласманот во осминафиналето на ЛШ, кон крајот на 2011 година.

– Работите се совпаднаа изминатава година, која тргна добро уште од почетокот, по пласманот со Металург во осминафиналето на Лигата на шампионите. Тоа резултира со кревање на квалитетот на ракометот и обезбедување на 5-то место на ЕП во Србија со репрезентацијата – вели Димовски.
Искусниот пикер ја истакна и пропуштената шанса во Гетеборг, за историско учество на ракометната селекција на Летните олимписки игри во Лондон.

– Можеби не бевме доволно подготвени за учество на Олимписките игри, а ни недостигаше и искуство. Од друга страна, во квалификациите игравме со силните Шведска и Унгарија, кои во Лондон завршија на 2-то, односно на 4-то место – објаснува искусниот ракометар.

Мундијалот во Шпанија, кој се игра во јануари идната година, ќе биде нов предизвик за националната селекција.

– Светското првенство ќе биде голем испит за Македонија и шанса за подобар пласман. Ќе играме по нов систем, во кој првпат има осминафинале, што ни одговара поради бројот на играчи со кои располагаме. Цел ни е да ја поминеме првата фаза, а посакуваме и пласман во четврт-финалето – вели Димовски.

ИМАМЕ СИЛА И КВАЛИТЕТ

Металург сезонава бележи одлични резултати во Европа, покажувајќи квалитет и напредок, стекнати преку континуитетот од играњето во ЛШ.

– Ги загубивме двата меча со Киелце, но стекнавме значајно искуство. Сите мислеа дека лесно ќе бидеме поразени и во Полска, по мечот во Скопје, но се кренавме и со нашиот настап покажавме дека имаме сила и квалитет за да се справиме и со најсилните европски екипи – посочи Димовски.

Избраниците на тренерот Лино Червар се борат и за 2-та позиција во групата, која би можела да придонесе за добивање полесен противник во нокаут-фазата и правење чекор напред во однос на минатата сезона.

– Повеќе фактори ќе влијаат врз нашиот евентуален пласман во четврт-финалето на ЛШ. Треба сите да останеме здрави, но и да имаме поволна ждрепка. Се бориме за 2-то место во групата, кое би ни ги зголемило шансите, со добивање полесен противник во осминафиналето и играње на реваншот дома – вели Димовски.

НАГРАДАТА “13 НОЕМВРИ“ Е МОТИВ ЗА ВО ИДНИНА

Резултатите и залагањето на Димовски неодамна беа препознаени со негово добивање на наградата „13 Ноември“, за придонес во спортот и успешна промоција на градот Скопје.
– Почестен сум од наградата што ја добив, меѓу толку многу спортисти. Таа покажа и дека ракометот моментно е спорт број еден во Македонија, а ќе ми биде дополнителен мотив и во иднина – вели Димовски.
Заедно со Димовски, истата награда ја доби и неговиот клуб Металург, за најдобар спортски колектив.

ЗА НАС В САБОТА Е МЕЧОТ НА ГОДИНАТА

Македонскиот ракометен првак Металург со четири победи и два пораза по првите шест кола во групата Ц е на добар пат да го повтори ланскиот успех во ЛШ, со пласманот меѓу најдобрите 16 екипи во Европа. Според капитенот на Металург, Ванчо Димовски, следниот меч со Шамбери, в сабота, е од пресудно значење.
– Потребна ни е победа против Шамбери за пласман во осминафиналето и за нас тоа е меч на годината. Имаме сила да се вратиме по двата пораза против Киелце и очекувам да славиме в сабота – порачува Димовски.

Прочитано 968 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 6 = 14