Од утре почнува 11-от камп на ракометната академија Металург

Ракометната академија Металург утреќе го означи почетокот на својот 11-ти ракометен камп, со кој традиционално секоја година ги заокружува тренирањето, натпреварувањето и дружењето во ракометната мини-лига.
“Среќни сме што и годинава сме организатори на најмасовниот ракометен камп и што по неговото завршување повторно ќе имаме 350 задоволни и среќни деца, кои во текот на целото лето ќе ги раскажуваат своите доживувања и импресии од еднонеделната дружба, игра, забава и тренирање на летниот камп во Охрид. Долгогодишната масовност ни е доволна потврда дека сме една од најмногубројните и најдобри ракометни школи на Балканот и сметам дека сме вистински пример како треба да се работи со младите ракометни надежи“ – вели директорот на академијата Металург, Тони Ристески.
На годинашниот камп на Металург ќе учествуваат околу 350 деца од школите во Скопје и низ Македонија, поделени во две смени, почнувајќи од утре до 21 јуни, а потоа и од 21 до 27 јуни. Идните ракометари и ракометарки од академијата на Металург ќе имаат седум дена да другаруваат, учат и да се забавуваат под будното око на своите тренери, кои преку игра, забава и дружба ќе се обидат на наједноставен начин да им ги доловат сите убавини на ракометната магија. За здравјето и за безбедноста на децата ќе се грижи лекарски тим, кој ќе им биде на располагање 24 часа.
За тоа дека ракометната академија на Металург е една од најдобрите и најуспешните зборува и фактот што годинава ја обележи најуспешната сезона во историјата на клубот, освојувајќи ги шесте шампионски титули во младите категории. Металург сезонава е младински, кадетски и пионерски првак во машка и во женска конкуренција.
Тренинзите на ракометниот камп на Металург ќе се реализираат на спортските терени покрај брегот на езерото, а натпреварувачкиот дел ќе се одвива во спортската сала „Билјанини извори“ и во салата на ОУ „Григор Прличев“ во Охрид.
Та.Д.