ПЕКОЛЕН ФИНИШ НА МЕТАЛУРГ ЈУНИОР

27.10.2012 19:56
DSC_0023_resize_resize

Металург јуниор и Овче Поле одиграа драматичен натпревар во „Автокоманда“. По натпреварот, кој заврши со нерешен резултат, и двете екипи имаа причини да жалат поради загубените два бода. Овче Поле во подолг период имаше контрола над резултатот, а на пет минути до крајот и предност од четири гола. Јуниор може да жали поради големиот пресврт на крајот од средбата, кога со серија од 5:0 премина во водство и само судиите се виновни што не извојува победа.

Почетокот на средбата помина во израмнета борба. Екипите се менуваа во водството, а токму Јуниор прв создаде предност од два гола, 6:4 и 7:5. Сепак, во последните минути од првиот дел ракометарите на Овче Поле, со серија од 4:0, обезбедија предност од три гола, 9:12.

Во вториот дел гостинските ракометари имаа постојана позитива од 3-4 гола. Металург јуниор во неколку наврати се закануваше со пресврт, но токму во тие моменти немаше концентрација и не реализира неколку изгледни акции. Во 55 минута изгледаше дека средбата е неповратно загубена. Противникот имаше високо водство, 19:23, а нашите ракометари брзоплето ги губеа своите шанси. Но токму тогаш и почна „пеколниот финиш“ на Металург јуниор. Само во неколку минути направивме фантастична серија од 5:0 и по подолго време преминавме во водство, 24:23. Се играше последната минута. Противникот, со ракометар помалку, очајнички се обидуваше да дојде во позиција за шут. По неколку прекини, нашиот голман Блажевски го одбрани противничкиот шут и, наместо топката да ни припадне нам, таа повторно му беше доделена на противникот. На една секунда до крајот против нас е досуден и седмерец, кој не пропушти да го реализира Илчев. Металург е грубо оштетен, иако по сѐ што видовме, нерешениот резултат е и најправичен.

РК Металург Јуниор – РК Овче Поле   24:24 (9:12)

РК Металург: Ивановски, Даниловски, Блажевски, Гинов, Пешевски 4, И.Крстевски 2, Манасков 1, Матијашиќ, Велковски, Маркудов, Талевски 3, Бој.Маџовски 4, Давитковски, Стојановски, Г.Крстевски 8 и Борј.Маџовски 2.     Седмерци: 4/6.     Исклучувања: 4 мин.

РК Овче Поле: Петков, Стојановски, Ѓорчев, Зафировски, Василевски 7, Мачавелев, Наумов 3, Панев, Милковски 1, Илчев 15, Митрушев, Тренчев, Паунов, Лазаревски и Петров.          Седмерци: 3/4.    Исклучувања: 6 минути.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

Прочитано 744 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 1 = 6