Пораз на Металург на средбата со Чеховски Медведи

16.08.2019 20:51
68539739_501453657269448_2758238996902445056_n_resize

Металург го одигра својот прв натпревар во фазата на подготовките, прв и на турнирот “Куп на Гувернерот“ во Чехов. Поразени сме од шампионот на Русија и учесник во Лигата на шампионите, Чеховски Медведи, со убедливи 33:23 (13:10). Ова беше и прв натпревар на Металург со новиот состав и со новиот тренер. За разлика од нас, дури осум ракометари на Чеховски Медведи настапија во состав на руската репрезентација составена од играчи од домашното првенство на турнејата во Германија, каде одиграа низа натпревари со клубови од Бундеслигата.

Металург на оваа средба настапи без повредениот Реваз Чантурија и без кадетските репрезентативци Мартин Серафимов, Михајло Младеновиќ и Дарко Кондев, а во нашиот состав настапија и двајца млади ракометари на Металург 2 – Димитар Ристовски и Дарио Кофилоски. Од друга страна, од непознати причини, на противникот му беше дозволено да игра со дури 18 ракометари, со што тој доби можност за многу поголема ротација.

Металург солидно го почна овој натпревар и во 13. минута имаше убедлива предност од три голови, 3:6. Но, две исклучувања во нашите редови ја сменија сликата на теренот и рускиот тим успеа да направи серија од 4:0, за 7:6. Во 21. минута за момент успеавме да го вратиме водството, 8:9, но следеше ново исклучување и нова серија на Чеховски Медведи од 4:0, за убедливи 12:9. Првото полувреме заврши со резултат 13:10.

Чеховски Медведи, пак, добро го почнаа вториот дел и по само пет минути игра имаа предност од пет гола, 17:12. Тренерот Дамир Стојановиќ побара тајмаут и тоа даде резултат, бидејќи во 43. минута дојдовме до разликата од првото полувреме, 21:18. Во овој период не успеавме да ги искористиме исклучувањата кај противникот, а промашивме и еден седмерец. Тешките нозе кај нашите ракометари и помалата можност за ротација го земаа својот данок, па во 46. минута Чеховски Медведи повторно имаа +5, 24:19. Дополнително, во следните шест минути имавме дури три исклучувања, па во 55. минута противникот поведе и со позитива од 7 гола, 29:22.  Соочени со висок пораз, ракометарите на Металург загубија во концентрацијата, не искористија неколку исклучувања кај противникот, па стигнавме до конечните -10, 33:23.

Следен наш противник е екипата на Мешков Брест, најголемиот фаворит на овој турнир. Оваа средба ќе се одигра утре, со почеток во 13 часот по македонско време.

Во првиот денешен натпревар, екипата на Мешков Брест го совлада тимот на Стеауа, со резултат 34:26 (20:15).

.

Чеховски Медведи – Металург  33:23 (13:10)

Чеховски Медведи: Павленко  (8 одбрани), Грушко (5 одбрани), Стељмах (3 одбрани), Гумаров 1, Санталов 4, Киселев 4, К.Котов 3, Андреев 3, А.Котов 2, Осташченко 2, Карлов 3, Корнев 4, Струшински 1, Васиљев, Фурцев 2, Маслеников, Каменев 1 и Косоротов 3.    Седмерци: 3/4.   Исклучувања: 14 минути.

Металург: Дупјачанец (11 одбрани), Ѓорѓески, Јагуриновски 1, Поповиќ 8, Пецаковски 3, Шилегов 3, Танкоски 5, Мариќ, Ристовски, Лазаревски 1, Вујовиќ, Кбилашвили, Додиќ, Кофиловски, Стојановиќ и Арсеновски 2.    Седмерци: 6/8.    Исклучувања: 14 минути.

Судии: Анташев Антон и Мусатов Денис од Русија.

Делегат: Вартањан Стела од Русија.

Фото:

Прочитано 594 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 + = 10