Преморениот Металург немаше сили да се носи со брзите ракометари на Фиверс

23.02.2021 23:09
DAR_0862_resize_resize

Металург забелажа нов убедлив пораз на своето последно гостување во групната фаза на Лигата на Европа. Во натпревар од претпоследното, девето, коло вечерва нашите ракометари забележаа пораз, со резултат 45:30 (22:13).

Од последните десет, Металург во Скопје мина само два дена, имаше само шест полесни тренинзи, а одигра дури четири средби во Лигата на Европа и тоа со ростер од само 11 до 13 играчи. Сето тоа остави длабока трага врз нашата игра, што особено дојде до израз денеска, кога се сретнавме со екипа која негува многу брз ракомет, со многу трчање. Фиверс  едноставно не натрча, реализирајќи дури 15 брзи контри, за разлика од нашите 3.

Средбата тргна во лоша насока од самиот почеток, кога противникот создаде убедлива предност од 6 гола, по само десет минути од натпреварот, 8:2. До крајот на првото полувреме разлика се искачи до -9.

Во добар дел од второто полувреме бевме рамноправни, најмногу благорејќи им на нашите денеска најдобри поединци, голманот Дупјачанец и крилото Поповиќ. Но, во последните десетина минути, Металург веќе немаше сили да ги следи брзите домашни ракометари и разликата се искачи до максималните -15.

Повторно исклучително лошо одигравме во одбраната, па, и покрај 17 одбрани на нашите голмани, примивме дури 45 гола. Нашата немоќ во одбраната надобро се гледа преку фактот дека на овој натпревар немавме ниту едно исклучување.

До крајот на групната фаза ќе одиграме уште само еден натпревар во кој во Скопје ќе го пречекаме тимот на Адемар Леон, на 2 март.

.

Фиверс – Металург  45:30 (22:13)

Фиверс: Таниќ (12 одбрани), Филцвизер (6 одбрани), Вагнер 3, Дамбок 6, Стевановиќ 3, Хутичек 6, Швајгер 3, Шариќ, Глатцл, Мартиновиќ 6, Јонас 2, Бренајс 1, Колар 1, Риде 3, Брандфелнер 7 и Зајдл 4.    Седмерци: 2/3.     Исклучувања: 8 минути.

Металург: Дупјачанец (15 одбрани), Ѓорѓески (2 одбрани), Брестовац, Петковски 1, Поповиќ 11, Кофилоски, Шилегов 6, Калуѓеровиќ 2, Серафимов 3, Тарабокија 1, Рниќ 1 и Додиќ 3.    Седмерци: 1/1.     Исклучувања: 0 минути.

Судии: Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни од Чешка.

Делегат: Герхард Рејсингер од Австрија.

Прочитано 211 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 7 = 0