ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА МЕТАЛУРГ

04.10.2012 20:28
DSC_0311_resize

Металург денеска одржа прес-конференција по повод претстојниот натпревар од второто коло во Лигата на шампионите, против словенечката екипа Горење од Велење.

На присутните новинари им се обрати шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар, кој рече: „Имаме успешен почеток во Лигата на шампионите, мислам дека е голем успех да се слави во Франција, над Шамбери. Нашите ракометари ги заслужуваат сите честитките за таа игра, преполна со самодоверба. Но поразот од Нексе, во СЕХА-лигата, покажа колку е краток патот од небото до земјата. Сепак овој пораз можеби доаѓа во вистинскиот момент. Во спортот не се живее на стара слава, мора да се докажуваш на секој натпревар. Не е оправдување што со Нексе не играа Мојсоски, Миркулоски и Димоски и ние сигурно ќе извлечеме добра поука од тој дуел.

 Горење е екипа што игра иста игра како и Нексе. Тоа е борбена екипа со силен карактер. Се работи за големи борци, кои во одбраната играат на границата на инцидент. Тоа е екипа што многу брзо знае да ги казни сите грешки и тие се во состојба негативата да ја претворат во позитива од неколку гола, наметнувајќи му на противникот игра со многу трчање. Инсистираат на цврста зона и брза транзиција. Мораме на натпреварот со Горење да одиграме добро во одбраната, да примиме помалку од 30 гола. Ланската статистика на Горење покажува дека на 93 отсто од натпреварите тие постигнувале над 30 погодоци. Тоа е ритамот што го наметнуваат, при што со своето силно темпо ги мелат противниците. На сите во клубот ни е јасно од колкаво значење е овој натпревар, а двата бода од Шамбери ќе добијат на значење само доколку славиме над Горење и имаме максимален ефект по првите две кола. Ќе дадеме сѐ од себе за да дојдеме до позитивен резултат и да патуваме во Силкеборг со уште поголема самодоверба“.

Новинарите ја отворија и темата за Сеха-лигата, на што Червар го кажа следното: „Мислам дека СЕХА-лигата би требало да биде позитивно искористена. Ние ја користиме за играње силни натпревари, во кои ги ангажираме оние ракометари што инаку помалку ги оптоваруваме и кои низ СЕХА-лигата ги мобилизираме да се стекнат со самодоверба, да можат да преземат одговорност и на силните натпревари во Лигата на шампиони. Иако не сакам да критикувам, сепак сметам дека во Сеха-лигата организациските работи треба да бидат поставени поинаку и сите екипи да имаат еднакви услови.

Ние и Загреб сме единствените екипи од Сеха-лигата што играат во Лигата на шампионите. Некои од учесниците ќе играат квалификации во Лига Европа, а сите други ќе настапат само во СЕХА-лигата, што значи дека сите тие ќе одмораат до февруари, кога ќе почнат натпреварите во Лига Европа. СЕХА-лигата допрва ќе треба да се развие како што треба, да можеме да добиеме и бенефиции од играњето тука. Пред сѐ барам рамноправност и барам да им се посвети внимание на тие што учествуваат во Лигата на шампионите. Така ние, играјќи ги првите четири кола во ЛШ, мораме дури четири пати да гостуваме во Сеха-лигата, за разлика од Загреб, кој гостува само еднаш“.

Капитенот на Металург, Ванчо Димовски, го рече следното: „Горење е многу силен тим. Ја освои титулата во Словенија во конкуренција на Копер и на Целје. Очекувам многу тежок натпревар и сметам дека, иако влеговме како квалификанти во групата, притисокот ќе биде врз нас. По успехот со Шамбери веќе никој нема да нѐ потцени. Очекувам полна сала и поддршка од навивачите, да се исправиме по оној пораз од Нексе и експресно да се вратиме на победнички патеки. Најважно е дома да играме исто како лани, кога од шест меча загубивме само против Хамбург, сакам таа серија на успеси да продолжи. Ако играме како против Шамбери, со малку подобра одбрана, ќе дојдеме до успех“.

Генералниот секретар на Металург, Зоран Цветановски, ги информира новинарите за состојбата со продажбата на влезниците и потенцира дека слободни влезници има уште.

Фотогалерија:

Прочитано 602 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 − 3 =