ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈА НА РК МЕТАЛУРГ

12.04.2012 13:35
DSC_0191_resize

Точно во 12.00 часот во хотелот “Александар Палас“ се одржа пресконференција на РК Металург. Пред бројните новинари, Металург изнесе две теми кои се повод за закажаната средба, претстојниот завршен турнир во СЕХА лига и продолжувањето на договорите со седум наши ракометари.

На располагање на новинарите беа генералниот секретар на Металург Зоран Цветановски, директорот Левче Китевски, помошникот тренер Александар Петровски и седум наши ракометари: Ацо Јоновски, Петар Ангелов, Милан Левов, Гоце Георгиевски, Веле Маркоски, Златко Мојсоски и Никола Митревски.

Пресконференцијата ја отвори Зоран Цветановски кој ги образложи темите и ги претстави присутните.

Во врска со претстојните завршни натпревари во СЕХА лига зборуваше Александар Петровски кој истакна дека Металург досега оствари две од трите поставени цели за оваа сезона. Добро се претставивме во Лига на шампиони и влеговме во фајнал форот на Регионална лига. Петровски истакна дека моментална цел на клубот е да ги поврати дел од ракометарите од непријатните случувања во Гетеборг и да ги мотивира за двете тешки средби во Загреб. Според Петровски, нашиот прв противник, екипата на Татран, е цврста и квалитетна екипа со која сезонава се сретнавме два пати и извојувавме две победи. Сепак, Петровски верува во својата екипа и очекува пласман во финале.

Од името на ракометарите се обрати Петар Ангелов кој истакна дека репрезентативците кои настапија во Шведска ќе направат се за да се повратат од шокот доживеан во Гетеборг и дека верува во способноста на Металург да игра во неделното финале каде посака да ја види екипата на Загреб и да добие можност за реванш за поразот во Лига на шампиони.

Левче Китевски, зборувајќи на оваа тема, истакна дека веќе во полуфинале имаме доста тежок противник но и дека Металург има сили за пробив во финале. Одговарајќи на новинарски прашања Китевски истакна дека очекува во финале да се сретне со екипата на Загреб која е поквалитетен тим од вториот македонски претставник, Вардар ПРО. Одговарајќи на друго новинарско прашање, Китевски истакна дека СЕХА лига одигра позитивна улога во креирањето и одржувањето на формата на нашите ракометари, дека се работи за добра идеја но и дека се покажани низа недостатоци кои ќе треба да бидат отклонети веќе во следната сезона.

Во врска со втората тема зборуваше Китевски. Тој истакна дека Металург, спротивно на тврдењата на дел од медиуми и поединци, продолжува со реализација на долгогодишниот проект врзан со македонска основа и база на Металург. Китевски истакна дека Металург потпиша нови, двегодишни, договори со седум свои ракометари и дека моментално сите ракометари на Металург се под договор. Китевски го истакна значењето и улогата токму на нашите ракометари во успесите на репрезентацијата и Металург како клуб. Китевски кажа дека единствениот со кој во моментот не е продолжен договорот е левото крило Стевче Алушовски кој со своите  39 години треба да размисли дали е во состојба да одигра уште една тешка сезона. Китевски најави освежувања во тимот и кажа дека во тек се преговори за две до три нови засилувања.

Прочитано 888 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − 2 =