ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈА, ПРОМОЦИЈА, КОКТЕЛ

24.02.2012 17:07
DSC_0846_resize

Металург денес одржа пресконференција по повод пресудниот дуел со екипата на Хамбург. Пресот се одржа во Конгресната сала на С.А. “Борис Трајковски“, пред голем број новинари и гости од нашите медиуми. Во салата беа и сите ракометари и ракометарки од двете наши најсилни екипи.

Во спортскиот сегмент на располагање на новинарите беа шефот на стручниот штаб на Металург Лино Червар, капитенот Ванчо Димовски, и директорот Левче Китевски.

Пресконференцијата ја отвори генералниот секретар на Металург Зоран Цветановски кој даде неколку технички информации. Меѓу другото, Цветановски истакна дека влезниците се распродадени во првите неколку дена. Исто така тој ги замоли сите што ќе присуствуваат на натпреварот да дојдат на време бидејќи вратите од салата ќе бидат затворени 15 минути пред натпреварот. Исто така, истакна дека делегација на Металург ќе отпатува во Копенхаген каде, во вторник, ќе биде извлечен нашиот иден противник.

Лино Червар не го криеше своето задоволство од постигнатите резултати. Смета дека Металург, кој потекнува од една скромна Автокоманда и Гази Баба, постигна резултати кои ја воодушевуваат целата македонска јавност.

Металург претходно беше само учесник, сега е и фактор во ракометна Европа, морам да бидам задоволен поради тој факт“.

„Хамбург е првак на најсилната лига на светот. Тоа е селекција на светот, таму се најдобрите ракометари во Европа, таму се „моите“ Лацковиќ, Вори, Дувњак, таму е еден Линдберг. Но, иако доаѓа Хамбург, знаете, секогаш е актуелна приказната за Давид и Голијат. Сите се на страна на послабиот. Сите сакаат да го победат најдобриот. Тие се апсолутни фаворити, но ние ќе се обидеме да ги победиме. Нема да биде разочарување ако не успееме, да не мислат сега сите дека ние сме којзнае што. Храбри сме, ќе се обидеме да ги урнеме. Но, може да се случи и уверливо да загубиме“. 

„Денешниот ден е победа на нашиот клуб, победа пред самиот натпревар. За таа победа заслужни се сите играчи и сите во клубот. Ова е победа на сите структури во клубот, кој доаѓа од една скромна населба. Салата е распродадена и тоа е краен резултат на нашата досегашна работа . Имаме 12 бода, можеби ќе имаме и 14, но досега бевме само учесници, но не и фактор како што сме сега. Трудот не е залуден“- рече Лино Чевар.

Потоа тој се осврна и на натпреварот од прошлото коло помеѓу Хамбург и Копер и изненадувачкиот резултат од таа средба:

„Не им требаше тоа на мечот со Копер. Ја направија Лигата на шампионите помалку несериозна. Нам ни го одзедоа правото да бидеме втори на табелата. Зашто, ни Копер ни Висла не нè победија. Им замерувам на Хамбург дека не дозволија правдата да победи. Против Копер играа со дебитанти, а тука доаѓаат комплетни и наводно ги казниле играчите поради претходната средба. Ама за нас е тоа подобар мотив. Ние чесно ќе покажеме како се бори и како се почитува противникот. Ќе го чекаме вторникот, тогаш е ждрепката, ќе видиме Бог кој ќе ни го даде“.

Од името на ракометарите проговори капитенот Ванчо Димовски:

“Во Скопје доаѓа европски гигант и таа екипа нема што нема. Добро е што овој натпревар доаѓа на самиот крај и излезе дека ни требаат бодови од оваа средба. Во Скопје досега немаме пораз и ќе се потрудиме така и да остане. Со киксот од прошлото коло, Хамбург го потроши својот кредит на опуштање и сега и тие се мобилизирани. Иако реално не им требаат бодовите тие нема да си дозволат уште еден кикс. Затоа, отпаѓа приказната дека тие ќе играат колку да играат. Тие се големи бидејќи играле многу големи натпревари, а мечот во недела е токму таков. Но, ние сме подготвени и ќе се обидеме да ги победиме. Со оглед на претходните натпревари би било чесно да сме пред Копер и Висла“.

Директорот Китевски го изрази своето задоволство од текот на продажбата на влезниците и тоа го оцени како сигурен доказ за постојаниот раст на Металург како клуб и интересот што владее во јавноста.

По завршувањето на спортскиот дел, пресконференцијата продолжи со промоција на новата химна на Металург а беше прикажан и спотот од истата.

Химната е поклон од нашата естрадна дива Кристина Арнаудова која е долгогодишен навивач на Металург со кој е и директно поврзана, ако се знае дека е сопруга на Александар Петровски, помошник тренер на Металург. Музиката е дело на Арнаудова и Дарко Тасев кој е и автор на аранжманот. Текстот на химната е извлечен од текстовите на навивачките песни на “Пиратите“, навивачката група на Металург. Освен Арнаудова, во изведбата на химната учествуваат и неколку наши познати поп и фолк пеачи и пеачки: Александра Пилева, Сузана Спасовска, Александар Белов и Ѓоко Таневски. Тие денес го промовираа и новиот навивачки дрес на Металург, како и новиот шал.

По завршување на пресконференцијата, Металург приреди коктел за сите присутни.

Фотогалерија:

 

Прочитано 812 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 5 = 1