Првите три бода “легнаа“ на контото на Металург

23.03.2019 21:26
GIL_8380_resize

Во натпревар од првото плејоф-коло, во Автокоманда Металург го совлада Пелистер, со резултат 28:26 (11:14), со што ги освои првите три бода во борбата за една од првите две позиции во првенството на Македонија.

Видовме вистински првенствен натпревар, со многу борба, неизвесност и со две дијаметрално различни полувремиња.

Дека првиот меч во плеј-офот е секогаш тежок, особено ако за противник се има цврста екипа како Пелистер, покажа и денешната средба во која Металург дојде до бодовите во последните десетина минути, откако претходно долго беше во резултатска негатива.

Средбата почна со испитување на силите и со наизменично водство на двете екипи, но така беше само во првите десетина минути. Потоа Металург влезе во серија на грешки и во период на слаба реализација во нападот, што Пелистер го искористи и прв направи резултатски исчекор, поведувајќи со 7:10. Металург никако не можеше да го фати вистинскиот ритам и пропушти уште неколку чисти ситуации. Пелистер, пак, се чини дека искористи се што му беше на располагање и продолжи да ја зголемува разликата, се до максималните +5, 7:12, 8:13 и 9:14. Со погодоците на Шпенде и на Токиќ, во последната минута, Металург успеа да ја намали негативата и да замини на одмор со -3, 11:14.

Се се смени во второто полувреме. Металург конечно ја зацврсти одбраната, Дупјачанец во серија скроти неколку удари, а и во нападот станавме попрецизни. Сето тоа даде резултат. Металург се доближи на само еден гол негатива, а имаше и дури три зицер-шанси да израмни, но сите удари беа скротени од одличниот голман на Пелистер Плех.

Кон средината на вториот дел Металург конечно го израмни резултатот, но водството го врати дури во 50. минута, кога поведе со 21:20. Овој пат водството го задржавме до самиот крај и ја забележавме првата победа во плеј-офот.

.

РК Металург – РК Пелистер  28:26 (11:14)

РК Металург: Дупјачанец, Даниловски, Јагуриновски 2, Димитриоски 2, Токиќ 3, Шилегов 1, Танкоски 8, Серафимов 2, Чориќ 1, Младеновиќ, Шпенде 5, Пучник 2, Миличевиќ 1, Маџовски 1, Стојановиќ и Арсеновски.    Седмерци: 3/4.    Исклучувања: 6 минути.

РК Пелистер: Ристевски, Петров, Маџовски 4, Поповиќ 2, Гуглета, В.Димитровски 1, Апостоловски, Јовановски, Станојевиќ 8, Лековиќ, И.Димитровски 1, Кобетиќ 8. Стоилевски 1, Плех, Табангует и Дрогришки 1.    Седмерци: 3/6.    Исклучувања: 14 минути.

Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје.

Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

Прочитано 588 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 1