Топ Вести

РАДЕ МИЈАТОВИЌ: “ВО МАКЕДОНИЈА СМЕ КАКО ДОМА“

31.12.2013 12:18
MITOVICH-2_resize

rk-metlurg-logo_final_resize

Разговорот со Раде и со Марија излезе во новиот број на семејниот магазин “Ревита“, во “Нова Македонија“

Во својата меѓународна кариера Раде Мијатовиќ, голман во  црногорската репрезентација, го додаде и ракометниот клуб Металург. Од неодамна е во Скопје со сопругата Марија. Ги посетивме на крајот од полусезоната на Лигата на шампионите, во нивниот дом во скопски Аеродром, каде што разговаравме за сѐ, како да сме пријатели со години.

На крајот од полусезоната во ракометната Лига на шампиони и СЕХА-лигата, а пред да почне големата еуфорија поради Европското првенство во ракомет, се дружевме со голманот на РК Металург, Раде Мијатовиќ, и со неговата сопруга Марија. Во нивниот привремен дом во скопски Аеродром нѐ пречекаа како да сме пријатели со години, па отворено разговаравме за ракометот, за нивниот брак, за патувањата, љубовта и книгите, за филмовите и тинејџерските денови, за бременоста на Марија и идните планови. Раде е Црногорец и е во редовите на црногорската репрезентација со долгогодишна и богата меѓународна кариера. По Србија, Шпанија и Белорусија, од неодамна се во Скопје, кога Раде потпиша договор со металурзите. Велат дека веќе се приспособиле на новата средина, задоволни се како се прифатени, стекнале пријатели, а и блиску се до дома.

Во Македонија сум како дома, а најтешко се приспособив

– По една деценија игра во разни држави, мене најтешко ми беше да се приспособам во Македонија, бидејќи тука сѐ ми е како да сум си дома, а не сум навикнал да сум во услови како дома. Кога човек ќе појде во странство го приспособува мозокот дека ништо не знае, дека не познава никого, не го знае јазикот, па треба да запознава луѓе, да учи јазик. А јас тука уште од првиот ден разбирав сѐ, веднаш стекнав пријатели. Сѐ ми беше многу едноставно, што ми беше чудно. Навикнат сум дека каде и да отидам да играм треба да почнувам сѐ од почеток, а тука не ми требаше тоа – вели Раде.

Марија е од Нови Сад, каде и се запознале со Раде, кога тој играл за Војводина, и оттогаш го следи сегде кај што игра. Заедно се 10 години, а во брак се нецели два месеца.

– Нема разлика од времето кога се забавувавме и сега, освен што првите денови од нашиот брак воопшто не се видовме. Тој беше тука во Скопје, јас имав обврски во Белград и така пет дена не се видовме. Мене ми одговара Македонија, со оглед на тоа дека сме блиску до дома, до Нови Сад, за разлика од претходно, кога дневно менувавме и по три авиони за до дома, а сега за пет ч­са со кола си во Војводина. А и луѓето се многу слични со нашите, пријателски се настроени, пријателски нѐ прифатија, храната ни е многу слична… Македонија беше одлична можност – вели Марија, која во моментов подготвува докторат.

Со нетрпение ја чекаат Лара

Марија е бремена и напролет треба да се породи. Чекаат девојче. Марија и Раде веќе и името го избрале – Лара. Велат, само да помине сѐ како што треба, сѐ друго е помалку важно.

– Не се подготвувам нешто посебно за новиот член на семејството, освен психички. Треба да се породам во април. Ако го продолжи договорот со Металург, тогаш во Скопје ќе се вдомиме – вели Марија.

Раде е задоволен како се вклопил во Металург

– Се вклопив одлично, играчите се одлични, и професионално и приватно. Некои од нив ги познавам од порано, врвни спортисти посветени на ракометот, се разбираме, се дружиме. Од порано знаев колку е многу популарен ракометот во Македонија, а навивачката атмосфера ја почувствував лани кога како голман на Динамо Минск дојдов во Скопје на натпревар со Металург. Кога дојдов тука се изненадив кога видов колку луѓето овде го познаваат ракометот. Навивањето на публиката може да го смени целиот тек на натпреварот и тоа е многу важно. Но не е како на фудбалски меч. За да навиваш на ракомет, мора да го познаваш ракометот. Овде луѓето го познаваат и го сакаат ракометот, нешто што не е толку често во другите држави – вели Раде.

Од фудбалскиот терен во ракометна сала

Раде е во ракометот 20 години. Во школските денови почнал да тренира фудбал, кога на едно школско натпреварување професорот го повикал да биде голман на ракометната екипа. Тој натпревар го гледал негов друг професор, кој бил ракометен тренер и кој веднаш го повикал да тренира ракомет. Раде се двоумел, но тренерот бил упорен и успеал да го убеди да продолжи со ракомет.Дека не погрешил покажуваат неговата игра на теренот и богатата кариера.Иако со Марија патуваат многу, поради тоа што Раде сменил многу клубови, и двајцата ги сакаат патувањата.

– Многу сакаме да патуваме туристички. Всушност, многу работи сакаме да правиме заедно. Кога почнавме да се забавуваме со Раде јас сѐ уште бев тинејџерка, а тој постар од мене, па ме насочуваше во поглед на филмот, музиката… И денес тој ми е најверодостоен кога се препорачува добра книга – вели Марија.

Октопод на голот

Во клубот и на терен Мијатовиќ е пожртвуван и темпераментен, а дома посветен на семејството. Во секој поглед скромен и одмерен. Остана скромен и кога по одличниот настап на второто дерби со Вардар во Лигата на шампионите ракометната јавност го нарече октопод на голот на Металург.

– Вообичаено е така да ги нарекуваат голманите. Јас давам сѐ од себе за клубот. Спортистите, за разлика од другите, се карактеризираат со засилена амбиција, да се победи, да се биде подобар од другиот – вели Раде.

Кога Раде дава сѐ од себе на теренот, Марија е гласна во публика. Не крие дека не ја интересира многу спортот, ама сака да го гледа Раде како игра.

– Постојано го гледам Раде додека е на голот. Не го разбирам најдобро ракометот, ама навивам многу бурно и гласно викам. Често одев на неговите натпревари, но сега поретко поради бременоста – вели Марија.Новогодишните празници планираа да ги поминат во Србија, два дена, колку што е слободен Раде. Го чекаат во црногорската репрезентација, во Лигата на шампиони, во Металург.

Фото:

Прочитано 2.468 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 2 = 0