Топ Вести

Ракометната драма во Охрид заврши со нова младинска титула за Металург 2

01.04.2019 01:46
EMI_8193_resize

Вистински ракометен празник им приредија младинците на Металург 2 и на Охрид на љубителите на ракометот, кои ја исполнија охридската спортска сала “Билјанини Извори“. Присуствувавме на натпревар каков што не е виден во последната деценија на младинските натпревари, меч меѓу моментално најдобрите две младински екипи во нашата земја. Видовме натпревар меѓу носителот на бројните младински титули Металург 2 и екипата на Охрид – која “гореше“ од желба да го прекине победничкиот низ на момците од Автокоманда. Видовме рововска битка за секој гол, за секој освоен метар, натпревар кој и заврши онака како што требаше – со вистинска драма во последните неколку минути. На крајот пехарот сепак им припадна на ракометарите на Металург 2 кои по трет пат во низа ја одбранија титулата младински шампион на Македонија.

Средбата мина во апсолутно израмнета борба, при што свои моменти имаа и двете екипи. Охрид имаше одлично прво полувреме, кое на крајот сепак минимално го доби Металург 2, додека момците на Раде Стојановиќ беа поквалитетни во вториот дел.

Металург 2 резултатски се издвои во последните десетина минути, а на четири минути до крајот имавме, се чинеше, недостижни четири гола предност. Во тој момент сите мислеа дека средбата е завршена, па гледачите полека почнаа да ја напуштаат салата. Но, на четири минути до крајот, Металург 2 заработи дури три исклучувања. Со само тројца ракометари на теренот станавме лесен плен за Охрид, чии играчи направија серија од 4:0 и го израмнија резултатот. Во нашиот последен напад шутираше Стефан Додиќ, но неговиот удар го сопре одличниот противнички голман. За среќа, топката дојде до Лазар Лаки Додиќ, кој го постигна решавачкиот гол, за голема радост на нашите ракометари.

Металург 2 заслужено ја одбрани титулата, па уште еден победнички пехар ќе си го најде своето место во нашата витрина. Освоивме титула среде Охрид, против две екипи од градовите што бележат извонреден брз ракометен напредок.

.

РК Охрид – РК Металург 2  30:31 (15:16)

РК Охрид: Брауновиќ 1, Ристески, Јанески, Ангелоски, Мар.Иваноски 5, Најданоски, Селман, Костов 9, Наумоски, Димитриески 5, Петровиќ 5, Попоски, Н.Ристески 4, Андоновски 1, Буџакоски и Иваноски.   Седмерци: 3/5.    Исклучувања: 8 минути.

РК Металург: Божиновски, Василевски, Мијатовиќ, Михајлов, Кондев 3, Попов, Кофилоски 1, Гошевски, Митиќ 2, Ристовски, Серафимов 9, Л.Додиќ 1, Гогов 1, Младеновиќ 7, С.Додиќ 7,  и Гајиќ.   Седмерци: 3/3.    Исклучувања: 14 минути.    Црвен картон: Андреј Митиќ (3х2 мин) во 57. минута.

Судии: Виктор Начевски и Даниело Божиновски од Скопје.

Делегат: Игор Огненов од Битола.

Прочитано 588 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 + 2 =