РАЗИГРАНИОТ МЕТАЛУРГ ПОВТОРНО ГО НАМАЧИ ЗАГРЕБ

24.02.2015 21:41
DAR_5566_resize

za tekst

Интересен натпревар следевме денеска во нашата најголема арена, натпревар со две сосема различни полувремиња. Првото го одигравме лошо, неинвентивно и несигурно. Тешко доаѓавме до можност за шут, комбиниравме до граница на пасивна игра, често грешевме, а ретките удари завршуваа во противничкиот блок или во рацете на сигурниот Ивиќ. Постигнавме само 5 гола, примивме 14, па на одмор заминавме со негатива од 9 гола.

Вториот дел измени се, како на паркетот да излезе сосема друг тим. Препородот го иницираше нашиот капитен, кој со своите одбрани влеа сигурност кај нашите момци, а тие, пак, разиграни и растрчани почнаа постепено да ја “грицкаат“ противничката предност. Одлични во одбраната, разноврсни во нападот, играчите на Металург стрелаа од сите позиции, па во второто полувреме дури осум наши ракометари се запишаа во листата на стрелците. Ако во 42. минута се уште имавме заостаток од 9 гола, 10:19, тогаш во 48. минута намаливме на – 7, 14:21, во 51. минута заостанувавме само 4 гола, 17:21, а во последната минута Пешевски ја сведе разликата на само два гола, 20:22. Ако погодеше и Џукиќ, кој акција порано промаши удар од крилна позиција, пресвртот можеше да биде и целосен. Дел од секундата пред истекот на времето гол постигна Шебетиќ, кој го постави конечниот резултат, 20:23. Ако првиот дел го загубивме со девет гола разлика, второто полувреме го добивме со цели шест.

Одигравме две средби со Загреб и двете ги загубивме со тесен резултат. Toj што верувал дека резултатот од првата средба е случаен, сега виде дека Металург сериозно напредува и дека нашите момци заслужено дојдоа на чекор од сензација и во втората средба. Двапати им дадовме по 20 гола, двапати ги задржавме на граница до 23 гола. Да не заборавиме, Загреб ја има најдобрата одбрана во групната фаза на Лигата на шампионите.

Од се најлошо е повредата на Филип Талески, кој најверојатно ги истегна лигаментите, но повеќе ќе знаеме утре, по извршеното снимање.

Металург – ППД Загреб  20:23 (5:14)

Металург: Митревски (15 одбрани + седмерец), Мисовски, Џукиќ 3, Костески 1, Бој.Маџовски 2, Ојлески 2, Пешевски 2, Бувиниќ 1, Крстевски 1, Кукоски, Борј.Маџовски 2, Манасков, Нелоски 4, Стојановиќ, Талески 2 и Велковски.      Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 0 минути.

ППД Загреб: Ивиќ (8 одбрани + седмерец), Стевановиќ (3 одбрани), Вуглач 2, Хорват 2, Брозовиќ 2, Раковиќ 1, Степанчиќ 1, Шушња 2, Мандалиниќ 4, Челица 2, Ковачевиќ 2, Михиќ 1, Шебетиќ 3, Чориќ 1, Ј.Валчиќ и Т.Валчиќ.       Седмерци: 4/5.    Исклучувања: 6 минути.

Прочитано 3.650 пати

(3) Коментари

  1. lazna e brojkata za isklucuvanja na Metalurg…..najmalku dve!!!
    Pesevski siguren sum i mozebi Kukovski!

  2. M.Manaskov nedaj boze da ne e povreden? Ili ne igra od druga pricina?

Напишете коментар


− 2 = 6