РЕНАТО ВУГРИНЕЦ: ЗА БОИТЕ НА МЕТАЛУРГ ЌЕ СЕ БОРИМЕ КАКО ЛАВОВИ

06.02.2013 19:41
GIL_6329_resize_resize

Ренато Вугринец е еден од двајцата Словенци во екипата на Металург. Во пресрет на битката за второто место во групата Ц, љубезно ни одговори на неколку прашања.

Во Крањска Гора ти си практично дома. Како ја доживуваш новата средба со прекрасниот зимски центар?

– Навистина е убаво чувството кога ќе се вратиш во својата татковина, особено ако доаѓаш со еден голем клуб каков што е Металург. Крањска Гора е преубава, има многу снег – вистинска зимска идила.

Дали е сѐ во ред со екипата? Какви се условите за подготовки?

– Екипата е во ред. Малку сме уморни од патувањето, но ќе го надминеме тоа. Поради Светското првенство долго време не бевме заедно и сега се трудиме да го фатиме ритамот од крајот на минатата година. Има доста играчи што веќе подолго време не одиграле силен натпревар.

Ти и Козлина, настапувајќи за ПЛ Цеље, му бевте лути ривали на нашиот следен противник, екипата на Горење. Остана ли кај тебе тој ривалитет во однос на „осите“ од Велење?

– Како ракометар на Цеље учествував на многу дерби-натпревари против екипата на Горење. Се работи за врвна екипа, која секогаш се бори да победи. Салата прима околу 3.000 гледачи, нѐ чека суператмосфера. Мене лично, како поранешен ракометар на Цеље, нема да ме дочекаат пријателски. Ќе има сѐ и сешто, но јас сум навикнат на тоа.

Значи очекуваш пеколна атмосфера?

– Да. Тоа ќе биде добар натпревар, со многу физички контакти. Иако не сме во топ-форма, очекувам дека ќе одиграме добро, и како тим и јас лично. Тоа се натпревари каде што не е толку важна формата колку желбата за успех.

Што го очекува Металург на саботниот натпревар против Горење?

– Горење игра брз модерен ракомет, со брз центар. Тие ќе се обидат да нѐ претрчаат. Играат дома, каде што се особено силни. Фаворити се, но и ние имаме свои квалитети. Се надевам дека ќе имаме добар ден и дека среќата ќе ни биде наклонета. Ние ќе се бориме како лавови, бранејќи ги боите на најдобриот македонски клуб.

Сметаш ли дека второто место во групата Ц ќе се решава в сабота во „Рдеча дворана“, или има и други натпревари што можат нешто да променат?

– Ние ќе сториме сѐ за да го обезбедиме второто место уште во Велење. Сепак, знаеме дека нѐ очекуваат и средбите со Данците и со Русите, а тоа нема да бидат нималку лесни натпревари.

Те поздравуваме и ти посакуваме успех в сабота. Во салата ќе има и доста Македонци. Се надеваме дека сите заедно ќе се радуваме.

– Благодарам, се надевам и јас.

Фото:

Прочитано 1.128 пати

(1) Коментар

  1. Tezok natprevar! Ako ima Lino vo dzep iznenaduvanja sega ke treba da izvadi nekoe za da pobedime!

Напишете коментар


7 − = 5