РИСТО ЧОКРЕВ: ПРЕКУ ТРУДОТ НА МНОГУ ГЕНЕРАЦИИ СТИГНАВМЕ ДО САМИОТ ВРВ

31.12.2012 18:06
GIL_9299_resize_resize

Претседателе, често ќе прочитаме дека Металург денес го живее својот сон. Има ли тој сон свои корени ?

– Секако дека има. Ниту еден клуб не е роден голем.  Секој клуб, па и нашиот Металург, има свој почеток, свое време на развој, свои прележани болести, свои почетни успеси. Тоа е нормален развој на секој спортски колектив, би рекол и не само спортски. Многу поважно е прашањето дали клубот остварува позитивен развој. Металург е клуб кој низ својата четириесетгодишна историја постојано оди напред. Според мене, секој правилен развој подразбира поставување нови секогаш повисоки цели на секој план, организациски, финансиски, спортски. Сметам дека нашите корени се цврсто всадени и токму тоа е основата на сонот што го живееме денес.

Кога ќе погледнете наназад, што, според вас, е решавачко за денешниот изглед на Металург ?

– Ако сакате да ја анализирам историјата на нашиот клуб, тогаш таа морам да ја поделам на три фази.

Првата фаза, која е и најдолга, кај нас е позната како ера на нашиот легендарен основач и долгогодишен тренер Коле Богдановски. Тоа е нашата пионерска фаза. Клубот е основан под закрила на “Железарница“, а најголема заслуга има токму Никола Богдановски – Коле. Негов плод е првата генерацијата на Металург, генерација составена од млади момчиња што ќе бидат основа на тимот во многу идни сезони. Тука се браќата Јосифовски, Ацо Василевски, Андреја Проданов, Крсто Петрушевски, Пејковски Раде, Ристо Чокрев и други. Како што гледате, јас и Крсто Петрушевски во Металург останавме до ден-денес. Тоа е време кога ентузијазмот на нашата младост беше погонското гориво на клубот, време на тотален аматеризам, но и време кога се формира душата на Металург, време на безусловна љубов кон својот клуб.

307613_515963148434542_660536054_n_resize

Втората фаза настапи со доаѓањето на нашиот спонзор Минчо Јорданов, во 2000 година. Имајќи цврста и несебична финансиска позадина, се зафативме со реализација на нашиот прв голем проект, кој подразбираше градење на организациската логистика како база за правилното функционирање на клубот и преземање на приматот, кој во тој период беше во посед на големи клубови како што се Вардар, Пелистер итн. Задачата ја исполнивме целосно. Една од причините за успехот на Металург се неговите луѓе. Во Металург работат луѓе што бескрајно го сакаат клубот и кои му се бескрајно лојални. Ние немаме работно време, за нас нема напори што не сме подготвени да ги поднесеме, во било кое време на денот или годината.  Ристо Чокрев, Филип Христов, Левче Китевски се само имињата на луѓето што ја започнаа таа работа, а на кои подоцна им се приклучија и многу други. Сите тие имаат нешто заедничко, сите потекнуваат од клубот или се со него од самиот почеток. Во такво опкружување дојде и првиот поголем спортски успех, двојната домашна круна, во сезона 2005/6, а подоцна и уште една титула во првенството, во сезона 2007/8. Минчо Јорданов го прероди клубот и е главен виновник за брзиот напредок и успесите на Металург.

Третата фаза ја означи доаѓањето на Лино Червар. Со него Металург доби европски “шмек“, со него почна европската идентификација на Металург. Откако целосно го презедовме приматот дома, погледот го свртевме кон Европа. Ете, така стигнавме до моментот кога можеме да го живееме својот сон.

DSC_0521_resize_resize

Кој, според вас, е најтешкиот период во досегашната историја на клубот ?

– Без размислување периодот од 1991 до 2000 година. Тоа е време кога “ Железарница“ престана да го финансира клубот и кога функциониравме со поддршка на пријателски фирми, како што се “Еуропанекс“, “Огномак“ и “Еуролинк“. Сепак, нашите најтешки години се од 1997 до 2000 година. Тие се поминати без спонзор, со приватни пари на клупските ентузијасти. За среќа, сето тоа е далеку зад нас.

Многумина 2012-та ја сметаат за најдобра година на Металург. Се слагате ли со таквата констатација ?

– Има доволно елементи за да се поддржи ваквата констатација. Двапати осминафиналисти во Лигата на шампионите, шампиони на Македонија…да, со мала резерва и јас сметам дека е наша најуспешна година.

Дали вашата резерва е поврзана со загубата на Купот на Македонија и поразот во финалето на СЕХА-лигата ?

– Да, поразите во тие две финални средби ја нарушија идеалноста на сезоната. Иако ние и тогаш, како и сега, целосен приоритет им даваме на Лигата на шампионите и домашното првенство, тоа не значи дека не сме сакале да победиме. Се надевам дека 2013-та, ќе биде вистински идеална година.

Каде ги лоцирате причините за двата пораза ?

– Со сета почит кон спортскиот ривал, вината е чисто наша, во нашата игра. Измореност од многубројните борби на четири фронта, од репрезентативните обврски на поголемиот дел на тимот, повредите, недоволната концентрираност.

DSC_0232_resize_resize

Што е долгорочна стратегија на Металург ?

– Веќе реков, постојано поставуваме нови и се повисоки цели. Организациски сме целосно екипирани и способни да решаваме секакви, па и најсложени проблеми. Нашите погледи сега се насочени кон Европа. Сакаме европски Металург со сите обележја што се потребни за тоа. Оваа година го формиравме нашиот оддел за маркетинг, што одлично функционира под раководство на Ѓоргоновски, имаме клупски сајт, кој е еден од најдобрите во овој дел на Европа, медиумски сме експонирани, во Европа ценети. Елементи на нашата долгорочна стратегија се понатамошна доминација во Македонија, чекор повеќе во Лигата на шампионите и создавање сопствена база од која ќе го пополнуваме составот на првиот тим. Под раководство на Тони Ристевски функционира цела мрежа на наши ракометни школи, а од таму треба да дојдат новите ѕвезди на македонскиот ракомет, новите замени за Мојсовски, Миркуловски, Лазаров.

За крај ?

– Ќе ја искористам можноста да им ги честитам празниците на сите во и околу Металург, на нашите фанови, нашите спонзори, на сите на кои Металург нешто им значи. Бидете среќни, бидете здрави.

Прочитано 1.640 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


1 + 3 =