Топ Вести

РК МЕТАЛУРГ ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

20.02.2015 16:38
DAR_4826_resize

za tekst

Металург денеска одржа прес-конференција, по повод неделната средба од последното коло во Лигата на шампионите, против екипата на ППД Загреб. На прес-конференцијата присуствуваа шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар, претседателот на клубот Левче Китевски и Филип Талески, од името на нашите ракометари.

Лино Червар:Дојдовме до нашиот последен натпревар во Лигата на шампионите. Се разбира, ова сега е еден сосема друг состав од оној со кој ја почнавме сезоната. Практично, сега имаме комбинација од кадетска и од младинска екипа. Не размислувавме дека ќе биде вака, но околностите се такви и сега сме пред еден нов предизвик. Металург врти нова страница. Ние, стручниот штаб со раководството, заедно со играчите кои што останаа, сме сконцентрирани и сакаме да ги играме добро мечевите што ни преостанаа. Ова се млади играчи кои до вчера играа против Радовиш и против Прилеп, а сега се дел од ова натпреварување и тоа не е лесно. Нашиот тим ќе има и победи и порази, но сигурно е дека ќе расте, младите ќе собираат искуство и еден ова повторно ќе биде голем тим.

Загреб е противник кој е добро покриен на сите позиции. Негуваат остра одбрана, нашите играчи ќе бидат навистина во тешка позиција, без разлика дали ќе играат одбрана 5-1 или 6-0. Имаат добар голман, добра бековска линија, брзи крила кои ја казнуваат секоја грешка. Загреб има голем избор на играчи и за нашиот млад тим ова ќе биде тежок меч. Но, она што можев позитивно да го извлечам од настапот во второто полувреме против Кил е дека играчите треба да се опуштат и да се борат. За нив е ова едно огромно искуство, што за мене е многу важно“.

Червар зборуваше и за ривалитетот со тренерот на Загреб, Веселин Вујовиќ: “Во мојата кариера секогаш сум ги почитувал другите тренери. Вујо, додека беше во Македонија, беше мој ривал. Дуелите меѓу Вардар и Металург беа најголемите дербија на Балканот, но и во југоисточна Европа. Го почитувам Вујовиќ како тренер. Иако не сме во најдобра ситуација, јас секогаш се борам. Мојот живот е борба и секогаш ќе се борам за победа. Без разлика што на овој меч ќе има голема разлика во искуството, сепак, ќе се трудиме со сите сили. Ова е сепак екипа која што ќе расте, низ победи и низ порази“

Червар зборуваше и за иднината на Металург, како и за својата улога во тоа: “Ако клубот работи со полна пареа и стои на нозе би сакал да бидам дел од тоа, да им го дадам моето знаење на овие млади играчи и да помогнам ракометна Македонија да добие нови играчи. Би бил задоволен тие да бидат новата сила во македонскиот ракомет. Мислам дека работиме добро. Но им е лесно, но ако бидат упорни, амбициозни, ако покажат тимски дух и желба, тогаш ќе имаме нова успешна генерација“.

Филип Талески:Загреб е голем предизвик за нас. Не е како порано, сега целата игра е на нас младите и ние треба да го понесеме товарот. Среќни сме што имаме тренер како Лино Червар и многу други играчи би сакале да бидат на нашето место. Ќе се бориме, се надевам дека ќе имаме поддршка од публиката, ќе играме, па што ќе биде нека биде. На вакви големи натпревари се собира искуство и на вакви натпревари се станува голем играч“

Левче Китевски:Дојдовме до крајот во Лигата на шампионите. Им благодарам на сите присутни пишани и електронски медиуми за соработката. Имавме добри и лоши моменти, пишувавте добри, но и критички статии. Јас тоа го почитувам, како што ја почитувам и секоја критика. Се надевам дека нашата соработка ќе продолжи, бидејќи Металург сврте нова страница и опстоја во кризата што го зафати. Нашиот сопственик е цврст во својата желба да го врати Металург на местото кое му припаѓа и јас мислам дека тоа ќе го постигнеме веќе следната година. И благодарам и на нашата верна публика, која беше со нас за време на тешката криза и сакам да ја искористам можноста и да ја поканам да дојде и в недела и да ги поддржи нашите млади ракометари“.

Фото: Дарко Андоновски, “Н.Македонија“.

 

 

 

Прочитано 1.412 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 7 = 15