РК МЕТАЛУРГ ВО ПОСЕТА НА ВИНАРИЈАТА “СТОБИ“

22.10.2011 17:09
DSC_0101_

На покана на г-динот Минчо Јорданов, генерален спонзор на нашиот клуб, РК Металург денес ја посети винарската визба “Стоби“. Средбата помина во пријатна атмосфера, а сите бевме импресионирани од виденото. Ракометарите на Металург ги разгледаа погоните на винаријата, а потоа дегустираа дел од богатиот асортиман на бели и црвени вина. Другарувањето со генералниот спонзор заврши со заедничкиот ручек.

Винарија “Стоби“, место што ја крие тајната на доброто вино.

Млада по години, ултра модерна во поглед на технологија, винаријата “Стоби“ со брзи чекори се пробива низ лавиринтите на пробирливиот македонски вински пазар. Без сомневање, за краток период, “Стоби“ ќе биде нашиот водечки вински бренд. Да видиме што луѓето од “Стоби“ кажуваат за својата винарија:

Винарија Стоби е најновата и најмодерно конципирана македонска винарија, лоцирана во општина Градско, Велес, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име.
Таму, на една од најплодните почви, дополнително збогатена од водите на Црна и Вардар, како и од големиот број сончеви денови во тој регион, се обезбедува родот на најдоброто македонско вино со уникатен и раскошен вкус.
Нашата цел е единствена – посветени сме на создавањето вина со врвен и беспрекорен квалитет. Затоа, се потрудивме да ги овозможиме најдобрите услови за остварувањето на таа цел.
Производството на нашата винарија се базира на грозје одгледано исклучително на сопствените лозови насади, кои се простираат на површина од 600 хектари.
Работиме според најсовремени стандарди пропишани од Европската унија. Почнувајќи од одгледувањето и одржувањето на лозјата, каде што приоритет ни е органската заштита на грозјето, преку дистрибуцијата на грозјето до винаријата, па сé до крајниот производствен процес, како и процесот на полнење, каде што се вградени најновите технолошки достигнувања во производството на вино.
Сето тоа е надгледувано и е под постојана строга контрола од страна на врвните македонски енолози. Примената на соодветна енолошка практика овозможува да се произведат вина што се чисти и без хемиски додатоци. Употребата на SO2 (гасот што предизвикува мамурлак) е строго контролирана и е за 30 до 50 проценти пониска од просекот.
Крајниот резултат се 5 милиони литри висококвалитетно македонско вино годишно, распределено меѓу тринаесет сорти вино, меѓу кои 8 црвени – аминта, веритас, каберне совињон, мерло, пино ноар, вранец, антигона и македонско црвено и 5 бели – мускат отонел, шардоне, ризлинг, р’кацители, стоби куве.
За вината на Стоби се користат шишиња и плути со врвен и проверен квалитет, кои гарантираат целосно зачувување на богатите и раскошни вкусови и мириси на нашите вина.
Нашите потрошувачи можат да ги добијат висококвалитетните вина на Стоби по навистина достапна и реална цена за македонскиот пазар, без разлика дали ќе ги побараат во најблиската продавница или во рестораните.

Фотогалерија:

Прочитано 322 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 + = 12