Рниќ: Се од­лу­чив за Ме­та­лург затоа што сум же­лен за силна игра и до­бар ра­ко­мет

06.05.2020 14:01
rnic4_resize

Преземено од “Нова Македонија“.

Среќен сум што дојдов во Металург, клуб што има богата традиција и големи амбиции за иднината“, изјави левиот ракометен бек од Србија, Момир Рниќ, со чиј ангажман победникот на Купот на Македонија, Металург, почна со градење силен тим за наредната сезона.

По продолжувањето на договорите со голманот Даниел Дупјачанец и со пикерот Милан Лазаревски, поранешниот српски репрезентативец Рниќ (32 години, 192 см) е првото интернационално засилување на тимот од „Автокоманда“. Рниќ доаѓа во Металург од редовите на неговиот матичен клуб Пролетер од Зрењанин, чии бои ги бранеше во тековнава сезона, по рехабилитацијата од повредата на стапалото, кое го повреди како член на германскиот Левен.

Во својата богата интернационална кариера, Рниќ три сезони бил член и на словенечките клубови Целје и Горење, а седум сезони играше во германската Бундес-лига, и тоа за Гепинген (од 2011 до 2014 година), Мелсунген (2014-2017) и за Левен (2017-2018). За репрезентацијата на Србија има 87 настапи и постигнато 152 гола, а има и сребрен медал од Европското првенство во 2012 година.

Имав пет понуди на маса од моите менаџери, но се одлучив за Металург од едноставна причина што сум желен за добра игра и добар ракомет. Исто така, ме привлекоа амбициите на клубот и работата со Зоран Кастратовиќ, кого особено го ценам. Верувам дека ќе направиме добра екипа и дека ќе играме значајна улога во Лигата на Европа, а својата шанса ќе ја чекаме и во домашното првенство, во кое ќе се потрудиме да бидеме рамноправни со Вардар и со Еурофарм Пелистер“, рече Рниќ, кој едвај чека да почне со тренинзите со својот нов тим.

Задоволен од доаѓањето на искусниот лев бек во Металург е и тренерот Кастратовиќ, кој верува дека Рниќ ќе се врати во својата врвна форма од пред две сезони.

Среќен сум и задоволен што во нашите редови донесовме екстра-квалитетен ракометар, бек-шутер, кој зад себе има драгоцено интернационално искуство. Верувам дека добро ќе се вклопи во нашиот тим и дека Рниќ со својата игра ќе го крене квалитетот на нашата игра и во напад и во одбрана“, изјави Кастратовиќ, кој во следниве денови очекува реализација уште на неколку засилувања, на пикерската, на десната бековска и на крилна позиција.

Тања Димитриоска

Прочитано 327 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 4