САКАМ ДА ЈА ЗАВРШАМ КАРИЕРАТА ВО МЕТАЛУРГ

01.12.2012 10:47
DSC_0041_resize_resize

Ексклузивното интервју е преземено од дневникот “Вечер“.

Словенечкиот ракометар Ренато Вугринец е една од најголемите ѕвезди во редовите на македонскиот шампион Металург, за којшто настапува од летоска. Не му требаше многу време да ги освои симпатиите на македонската публика. Иако е на 37-годишна возраст, тој стана еден од лидерите во екипата и со својата луцидна игра и голови ги воодушеви и најпросечните познавачи на ракометот. Еден е од најзаслужните за игрите и резултатите во групната фаза од Лигата на шампионите, каде што “металурзите” се едно од најпријатните изненадувања.
Ракометот не му беше единствената спортска љубов на Ренато Вугринец. Тој на 10 години паралелно почнал да тренира кошарка и ракомет, меѓутоа кога дошло време да се одлучи за еден спорт, го избрал ракометот, само затоа што во неговиот роден град Птуј имало ракометен прволигаш.

Својата професионална кариера ја почна во Драва, од каде што се пресели во Целје, а во интернационалната сцена настапуваше и за германските гиганти Магдебург и Хамбург, шпанскиот Сан Антонио и Ал Сад (ОАЕ). За репрезентацијата на Словенија има забележано 193 настапи и постигнато 625 голови.

Имавте многу атрактивни понуди, но се вративте во Марибор поради семејството. Сепак, веднаш потоа го напуштивте за да дојдете во Металург. Што беше решавачко да се одлучите на ваков чекор?
– Со Металург преговарав три години, секогаш беше да или не, и на крајот успеавме да се договориме. Јас секогаш посакував доколку имам можност да работам со Лино, тоа беше една од работите, а слушнав и многу добри работи за екипата на Металург. Едноставно, знам како е да се игра во тим од поранешните југословенски простори. Меѓутоа, најголемата причина зашто дојдов во Металург се големите амбиции на клубот, секоја година оди чекор по чекор како што треба. Гледав неколку натпревари на Металург и момците играат навистина добро, особен на ЕП во Србија и нивниот концепт на игра многу ми се допадна, можам да дојдам до израз и да му помогнам на тимот.

Каква иднина му предвидувате на Металург во Лигата на шампионите сезонава. Дали може да дотурка до фајнал фор?
– Доколку некој пред стартот на сезоната речеше дека Металург ќе има ваков успех сезонава во ЛШ, никој немаше да поверува. Тогаш веднаш би потпишале да ја минеме групата. Но, секаде со успехот растат апетитите и амбициите кај играчите, кај тие што го водат клубот, навивачите, па и целата македонска јавност. Тоа е дополнителен притисок и претставува голем проблем за нас. Мораме да се фокусираме натпревар по натпревар, чекор по чекор и нормално на крај ќе видиме до каде ќе стигнеме. Сите веруваме дека можеме да направиме нешто повеќе, како што беше минатата година.

До кога планирате активно да играте и дали Металург е последниот клуб во вашата кариера?
– Во овој момент се чувствувам многу добро во Скопје, луѓето и навивачите навистина ме прифатија многу убаво. Кога ќе размислам, јас многу вложувам во себе да можам да играм и добро да се чувствувам и уживам во она што го работам. Се однесувам како што размислувам во тие работи. Ако е можно, јас би ја завршил кариерата во Скопје, во Металург, но не по завршувањето на сезонава, туку би сакал да потрае.

Велите дека во Скопје се чувствувате убаво. Дали и вашата сопруга е со вас тука?
– За жал, моето семејство не е со мене, беа само на кусо, но поради тоа што сме големо семејство мораа да се вратат. Имам три деца, најголемото оди на училиште, а другите две во градинка. Тешко е да се организираат патувања, треба да ги оставам работите таму и да дојдам тука. Но, секој слободен момент го користам да бидам со семејството. Еден месец бев тука, потоа имаше собир на репрезентации, па добив пет слободни денови. Тогаш скокнав до Словенија да го посетам семејството. Првиот дел на ЛШ завршува на 15 декември и потоа ќе можам повторно да бидам со најблиските за Божиќ и Нова година, а понатаму ќе видиме. Среќен сум што има добра линија Скопје – Љубљана двапати неделно и се се одвива брзо.

Нормално дека во одредени моменти чувствувам носталгија, бидејќи семејството е најважно и би сакал да бидат со мене тука и да го видат поубаво Скопје. Тука живеат многу добри луѓе, а би сакал и да ја почувствуваат и атмосферата на нашите натпревари.

Со кого од екипата најдобро се согласувате и на терен и приватно?
– Ние сме како едно големо семејство. На терен одлично се согласувам со сите, а најважна е атмосферата во тимот. Тоа е прв чекор се да функционира беспрекорно во тимот, бидејќи повеќе се гледаме тука отколку со семејството. По секој натпревар сите што имаат семејство заминуваат дома, освен тоа и немаме многу слободно време. Многу тренираме и многу сме зафатени. Приватно се дружам со сите ракометари, можеби најмногу со Козлина, живее близу до мене и ми помогна кога дојдов тука, а исто така добро се согласувам и со Дамир Батиновиќ и Дарко Станиќ.

Каде го поминувате слободното време, излегувате навечер и кое ви е омилено место?
– Како што кажав, имам малку слободно време. Само еднаш бев да прославам со тимот. Момците ме однесоа во “Боними” на јадење, а потоа бевме на по една пијачка во “Миднајт”. Повеќе ја сакам дневната шема да испијам кафе, пред тренинг, по тренинг, помеѓу два тренинга итн…

За ракометар имате манекенски изглед , каков стил негувате кога не сте во тренерки ?
– Ха, ха, ха. Стил во кој добро се чувствувам, бидејќи за мене е многу важно да се чувствувам убаво во работите што ги носам. Не сум некој моден фрик и луд по брендирани парчиња облека. Не сум човек кој мора да носи нешто што е во тренд, туку нешто во што добро ќе се чувствува. Немам некој посебен стил на облекување, но сакам да се чувствувам убаво во она што го носам, тоа ми е најважно.

Кој традиционален македонски специјалитет е најредовно на вашето мени?
– Не би можел да издвојам, бидејќи сум пробал многу македонски јадења (чорби, сарма, тавче-гравче), се е превкусно. Единствено што треба да внимавам е да не се здебелам од вкусната македонска кујна.

Со својот изглед на заводникот Д’Артањан ги освоивте симпатиите на припадничките на понежниот пол, чиј миленик станавте од прва. Дали сакавте да го постигнете тоа?
– Не! Кога дојдов во Металург, имав малку голема брада, и ништо посебно не сум менувал. Додека се средував, се обидував да направам нешто и ми се допадна ваквиот изглед. Се беше спонтано и не сакав ништо да постигнам, едноставно немав одредена цел што би ја постигнал со мојот имиџ.

Иако сте во брак на натпреварите и надвор од теренот имаме многу обожавателки меѓу Македонките, каков впечаток ви оставија?
– Сигурно дека е убаво да се погледне нешто што е убаво, тоа не е тајна. Од Македонија, како и во цела поранешна Југославија доаѓаат најубавите жени во светот, а во нив спаѓа и мојата сопруга.

Славе ТАСЕВСКИ

Прочитано 1.837 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 8 = 1