СЕХА-интервју: Филип Кузмановски: Ни недостасува енергијата на Червар

26.02.2018 22:25
3313_1519660341_resize

(Интервју на капитенот на Металург, Филип Кузмановски, за сајтот на СЕХА-лигата)

Актуелниот вицешампион на Македонија, Металург, е клуб кој во изминатите неколку години им помогна на многу млади ракометари, за кои стана стартна платформа за нивната понатамошна кариера во клубовите од цела Европа. Филип Кузмановски (22)е еден од тројцата најдобри ракометари на Металург во тековната сезона, со 48 постигнати гола во СЕХА-лигата и 31 гол во Лигата на шампионите. Со самото тоа, тој е еден од лидерите на младата генерација не само во Металург, туку и во Македонија во целина.

СЕХА: Чекор по чекор, вие станавте лидер на овој тим на Металург. Оваа улога безусловно има свои предности, но носи и дополнителна одговорност. Ви се допаѓа ли вашата нова улога?

Кузмановски: Да бидам искрен, тоа само ме мотивира и ми дава дополнителни сили, да работам повеќе и да станам подобар играч и подобар човек. Јас не сум човек кој се надева дека ќе седи и кој нема да прави ништо. Јас не сум против одговорноста, напротив,  сметам дека таа ми одговара. Јас сум подготвен за се што носи таа одговорност – и кога губиме и кога победуваме.

СЕХА: Во оваа сезона, вие, веројатно, можевте да одиграте подобро на неколку натпревари, што ќе ви донесеше и повеќе бодови. Што мислете, дали вашата моментална позиција на табелата реално ја одразува силата што Металург ја има во тековната сезона?

Кузмановски: Јас сум убеден дека можевме да одиграме подобро на неколку натпревари во текот на сезоната, но и да се загуби не е секогаш лошо. Поразите често ви го покажуваат правилниот пат и ви ја сопираат помислата дека сте најдобар, што особено лошо делува на младите ракометари. Сметам дека во одредени ситуации ни недостасуваше искуство, но исто така сметам дека тоа ќе го добиеме со текот на времето и дека се ќе тргне кон подобро.

СЕХА: Дали Филип Кузмановски би станал толку добар ракометар, да не беше СЕХА-лигата и нејзините силни натпревари?

Кузмановски: Сигурен сум дека не би бил, иако постојат и други можности за развој во успешен и комплетен ракометар. Играњето во СЕХА-лигата е од огромно значење за младите ракометари, бидејќи се работи за силни натпревари со квалитетни противници, низ сето тоа поминав и јас, настапувајќи за Металург во СЕХА-лигата.

СЕХА: Иако клубот во последно време се соочува со многу проблеми, вие ракометарите одлично се борете, докажувајќи дека малку недостига да бидете голем проблем за сите во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите.

Кузмановски: Тренинзите и натпреварите се приоритет број еден за сите нас и затоа, следејќи ги нашите настапи, вие не можете да ја почувствувате тешката ситуација во клубот. Сите ние размислуваме на овој начин и ќе се обидеме напорно да работиме, се додека тоа е навистина можно.

СЕХА: Во текот на неколку месеци сте без Лино Червар на клупата. Ви недостасува ли неговиот стил на тренинзи и на водење натпревари?

Кузмановски: Иако работиме според истите принципи и се придржуваме до истите тактики и вежби, верувам дека неговото присуство е многу значајно за овој млад тим. Ни недостасува неговата енергија и начинот на кој тој ја предава на ракометарите.

СЕХА: Уште неколку дерби-средби ве очекуваат до крајот на регуларниот дел на СЕХА-лигата. Какви се вашите шанси?

Кузмановски: Наша цел е на секој натпревар да одиграме добро и да вложиме максимум од своите сили. Ние ништо не планираме однапред. Наша единствена цел е да си докажиме себеси, но и на сите други, дека резултатите ќе дојдат – ако напорно се работи.

СЕХА: Може ли Металург да се врати во најсилната четворка и да резервира место во фајналфорот на СЕХА-лигата?

Кузмановски: Се разбира, но за да се случи тоа потребно е да работиме поинаку. Ни треба организацијата да биде на нивото што го имавме во минатото.

СЕХА: Минатата година вие бевте единствениот тим што го победи Вардар во домашното првенство. Вашите дуели се секогаш неизвесни, без разлика што вашиот противник е поквалитетен, барем според листата на играчи, и е во подобра материјална ситуација.

Кузмановски: Против најдобриот тим во Европа навистина не е потребна дополнителна мотивација. На тие натпревари сакате да ја покажете својата вредност, да покажете што навистина можете, за што сте способни. Натпреварите против Вардар и добрите настапи секогаш ја зголемуваат самодовербата.

Прочитано 565 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 − = 3