Топ Вести

Што кажаа нашите репрезентативци по победата над Јапонија…

11.01.2019 20:17
110119_FOS_mwol_0129_1440x600

Македонија го почна СП со убедлива победа над Јапонија. По средбата нашите избраници беа очекувано задоволни, но и претпазливи, со оглед на тежината на следните натпревари.

.

Кире Лазаров: “Денеска не беше лесно како што кажува резултатот. Добро се подготвивме за овој натпревар и тоа вроди со плод. Но ни требаа педесетина минути за да го решиме мечот. Не ми се допаднаа некои работи, кога имавме водство си земавме за право да упатуваме неодговорни шутеви, но што е тоа е. Ова е една нова репрезентација која треба да се гради и момците ќе созреваат од натпревар во натпревар. Ова е голем триумф за нас, за зголемување на самодовербата, пред се на младите ракометари“.

Стојанче Стоилов: “Не игравме во грч, не се залетавме на стартот и одевме чекор по чекор. Нема брзање, бидејќи не очекуваат многу натпрвари, а денеска победивме релативно лесно, иако верувајте не беше така на теренот. Немаме друг избор, одиме чекор по чекор, па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Задоволен сум од победата, но во одбраната имаме многу работи за подобрување. Ни следи натпреварот со Бахреин, а потоа три меча на кои нема да бидеме фаворити. Искрено се надевам дека против Бахреин ќе ни биде полесно и дека шанса ќе добијат и дебитантите во нашата репрезентација. Тоа ќе значи и одмор за нас поискусните, да бидеме посвежи за Хрватска и за следните предизвици“.

Дејан Манасков: “Ја оправдавме фаворитската улога, но ќе мораме да ги поправиме недостатоците за следните натпревари. Секој почеток е тежок, започнавме како што очекувавме и сега сме еден чекор понапред. Го респектиравме противникот и на крајот остваривме заслужена победа. Мораме да внимаваме на следните натпревари, доста голови примивме во транзиција и ќе треба многу побрзо да ги правиме измените, бидејќи поискусни екипи тоа ќе знаат да го казнат“.

Борко Ристовски: “Не беше така лесно како што изгледа, бидејќи Јапонците беа многу незгодни, беа исклучително брзи и ни правеа големи проблеми во одбраната. Од 28 постигнати голови, мислам дека барем 15 беа од контри и од брз центар. Но, покрај проблемите во одбраната, ги повторивме и истите грешки од мечевите со Србија. Промашувавме зицери во нападот, имавме брзоплети додавања и шутеви, па, се на се, победата беше многу потешка од тоа што го вели резултатот. Треба да бидеме задоволни од тоа како поминавме, верувајте, никој не знаеше како ќе изгледа оваа репрезентација. Имаме многу млади и неискусни ракометари, денеска одигравме без измена. Првиот чекор го направивме, сега следи Бахреин што на хартија треба да биде полесно. Сепак со овие млади играчи не можеме ништо да тврдиме, треба да видиме како ќе одговорат кога нема да ни оди добро на теренот како денеска“.

Филип Лазаров: “Денеска игравме против незгодна и за нас непозната екипа, но за среќа имавме доволно време да се подготвиме. Сигурен сум дека доколку против Јапонија игравме во третото коло, ќе ни беше многу потешко. Иако победивме со девет гола, ова за нас не беше лесен натпревар, Јапонците беа незгодни, но на крај одигравме одлично и заслужено победивме“.

Своето мислење го кажа и селекторот Раул Гонзалез: “Борко денеска бранеше фантастично, особено во првото полувреме и ни помогна да се одлепиме. Јас кажав дека за добар настап на СП неопходно ќе ни биде да ги имаме голманите во најдобра форма, а денеска Борко беше токму на тоа ниво. Да не беше така, мечот можеше да добие и поинаков тек. Ние на крајот славевме убедлива победа, можеби и поубедлива со оглед на настаните на теренот, но ова е само прв натпревар и нема простор за преголемо славење. Сега се вртиме кон наредните предизвици. Јас сум селектор и мене работа ми е да играат оние што се најдобри. Имаме играчи кои се поквалитетни и тие играат повеќе, потоа имаме играчи кои се послаби од нив и тие играат помалку. Не ми е важно дали се млади или стари, туку дали одговараат на она што јас како тренер го барам од нив“.

Прочитано 827 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 + 9 =