Топ Вести

СИЛКЕБОРГ МИНА НИЗ МЕЛНИЦАТА НА МЕТАЛУРГ

24.02.2013 23:24
DSC_0190_resize

Несекојдневен спектакл приреди тимот на Металург на денешната средба против Силкеборг. Растоварени од претходното значење на оваа средба, ракометарите на Металург одиграа за својата публика, за своите сѐ повеќебројни навивачи. И приредија шоу, вистинска ракометна забава, која ги воодушеви преполнетата сала и и многубројните гледачи што ја следеа средбата на своите телевизори. Ваква победа ретко се гледа, особено во реномирана лига каква што е Лигата на шампионите. Силкеборг мина низ вистинска голгота, мина низ нашата мелница, која едноставно го сомеле. Крајот на средбата значеше и крај на нивните маки.

Дека денеска ќе победиме – очекувавме сите. Дека денеска ќе одиграме добар натпревар – се надевавме сите. Ама ваква победа, извојувана на ваков начин – искрено, малку кој го очекуваше тоа. Особено што почетокот не навестуваше ништо. Се играше рамноправен натпревар во кој ние водевме до шестата минута, а Силкеборг од шестата до седумнаесеттата минута. Потоа следуваше период на наша доминација, како вовед во катастрофата на гостинскиот тим. Полувремето заврши со солидни четири гола предност за Металург, 18:14.

А потоа дојде второто полувреме и сѐ се промени. На голот се врати Дарко Станиќ, одбраната ја променивме во 5+1, ги затворивме сите приоди кон нашиот гол и за 21. минута примивме само еден единствен гол, и тој од пенал. Самите постигнавме осум гола. Тоа што го изведе Станиќ, долго ќе се прераскажува. Запре десетина едноподруго противнички напади, не прими гол од игра цели 21 минута. Неверојатно.

Тоа го искористи нашиот расположен напад, па Козлина, Вугринец, Мојсовски и Ракчевиќ едноставно го изрешетија голот на несреќните Данци. Силкеборг, домот на третина од сребрената репрезентација на Данска, се чини дека допрва ќе сфати што всушност го снајде на жешкиот паркет на салата „Борис Трајковски“.

Металург полека се претвора во вистинска казнена експедиција. На последните две средби противниците ги совладавме со неверојатни 32 гола разлика.

Во второто полувреме повторно примивме само четири гола, со што повторно го израмнивме рекордот на Лигата на шампионите.

Освоивме 14 бода, рекордни за една македонска екипа. Тоа се нешто помалку бодови од вкупниот број што го освоија сите други македонски претставници во сите свои досегашни настапи во Лигата на шампионите, во машка конкуренција.

Во вторник ќе го добиеме нашиот иден осминафинален противник. Како што знаеме сите, тоа ќе биде една од следните три екипи: Атлетико Мадрид, Динамо Минск или Чеховски Медведи.

Единствена црна дамка на оваа средба е повредата на Дејан Манасков, чија тежина ќе се утврдува утре.

Металург – Силкеборг 32:18 (18:14)

Металург: Станиќ (14 одбрани), Ангелов (две одбрани), Козлина 7, Мојсовски 6, Вугринец 6, Ракчевиќ 5, Димовски 2, Левов 2, Манасков 2, Батиновиќ 1, Георгиевски 1, Алушовски, Додер, Јоновски, Маркоски и Миркуловски. Седмерци: 2/3.  Исклучувања: 2 минути.

Силкеборг: Шијан, Јакобсен, Н. Нилсен Орис, М. Нилсен Орис, Олафсон, Мортенсен, Лауге Шмидт, Јоргенсен, Киркегард, Грин, Тофт Хансен. Баге, Кристијансен, К. Нилсен и Шилинг. Седмерци: 1/1.  Исклучувања: 6 минути.

Прес-конференција:

Червар: „Нормално е дека сум задоволен со оваа игра и победа, а на играта на моите ракометари можам само да им кажам – секоја чест момци. Им честитам за одличното издание иако кога го почнавме мечот со одбрана 6-0, не функциониравме најдобро, па противникот знаеше како да го искористи тоа. Но, кога почнавме да играме во формација 5-1, работите си дојдоа на свое место, почнавме да играме како што треба, си го олеснивме патот кон убедлив триумф. Сакам да им се заблагодарам и на навивачите за фантастичната поддршка. Единствено ме загрижува повредата на Дејан Манасков, не знам колку е сериозно, неговото коленото е уште топло, не можеме да знаеме каков тип на повреда има, но се надевам дека нема да добиеме лоши вести”.

Миркуловски: „Во првото полувреме не бевме на потребното ниво во одбраната, но нападот беше одличен. Во продолжението заигравме онака како што знаеме во одбрана, предводени од фантастичниот Станиќ. Се обидовме да го урнеме сопствениот рекорд и да примиме само три гола во едно полувреме, но за жал тоа не се случи. Очекувам да продолжиме да напредуваме како тим и да играме уште подобро на следните натпревари“

Карстен Албректсен: „Му честитам на Металург на одличната игра и на второто место во групата. Во шок сум и разочаран сум е од денешниот натпревар. Второто полувреме беше под сите стандарди и навистина ми е срам”.

Шијан: „Наполно се сложувам  со тренерот. Не можевме гол да дадеме во второто полувреме. Дарко одбрани се, брани одлично. Нивната одбрана функционираше одлично. Уште еднаш докажаа дека имаат најдобра одбрана можеби дури и во Лигата на шампионите, а секако во СЕХА-лигата. Мислам дека сите играчи на Силкеборг потфрлија. Иако натпреварот немаше резултатско значење, требаше да играме подобро и на некој начин да им го осветлиме образот на клубовите од Данска. Ние не направивме ништо и тој е резултатот”.

Прочитано 1.730 пати

(1) Коментар

  1. Од која планета го донесовте Станиќ? Побарајте таму уште еден бек шутер и пакувајте се за Ф4.

Напишете коментар


7 − 6 =