Со многу мака, Нексе сепак ги освои бодовите против Металург

16.12.2018 22:45
DSC_0302_original_resize

На гостувањето во Нашице, Металург е поразен од екипата на Нексе, со резултат 26:23 (12:10). Иако доживеа нов пораз, Металург остави одличен впечаток и добро му се спротивстави на домашниот тим, кој ја игра својата најдобра сезона во СЕХА-лигата и е моментално третопласиран на табелата.

Првото полувреме мина во рамноправна борба при што двата тима неколкупати се сменија во водството. Нексе прв стекна предност од два гола, при 9:7, но Металург веднаш врати и израмни на 9:9. Ритамот на нашиот тим беше нарушен со двете едноподруго исклучувања на младиот Младеновиќ, што Нексе го искористи и на одмор замина со предност од два гола, 12:10.

Второто полувреме почна лошо за Металург, бидејќи најпрво Маџовски заработи двојна казна, за фаул и за приговор, а потоа беше исклучен и Шпенде, па Металург играше со четворица на теренот. Тоа се одрази на силите на теренот и Нексе успеа да се одлепи на +5, 16:11. Дури по десеттата минута од вториот дел Металург успеа да биде комплетен и да ги консолидира своите редови, но резултатската разликата беше премногу голема и недостижна. Сепак, во 49. минута се доближавме на само три гола разлика, 22:19, и таа предност Нексе ја задржа до самиот крај. Во последните четири минути, кога се кршеше резултатот, Металург повторно остана сo четворица на теренот, по второто исклучување на Шпенде и двете минути за нашата клупа поради приговор, па на Нексе не му беше тешко победнички да го заврши натпреварот.

При еден напад на нашиот тим сопнат беше Токиќ, кој го повреди скочниот зглоб и не ја продолжи средбата. За среќа не се работи за ништо посериозно. Уште во првото полувреме останавме и без Пучник, кој доби удар со топка во глава и теренот го напушти со раскрвавен нос.

Задутре Металург ќе го одигра својот последен натпревар во 2018 година. Гостуваме во Љубушки, кај екипата на Извиѓач.

.

Нексе – РК Металург  26:23 (12:10)

Нексе: Лелиќ (7 одбрани), Цар (4 одбрани), Шипиќ 4, Гаџа 3, Лебан, Етер, Зрниќ 2, Мрџеновиќ, Јаман 1, Бувиниќ 3, Јелиниќ 5, Вида 3, Лончар, Томиќ, Јагањац 2 и Возаб 3.   Седмерци: 2/5.   Исклучувања: 10 минути.

РК Металург: Даниловски (9 одбрани) 1, Томовски, Јагуриновски 1, Димитриоски, Токиќ 4, Шилегов 1, Танкоски 1, Серафимов 3, Младеновиќ, Шпенде 3, Рибеиро 5, Пучник, Миличевиќ 2, Маџовски, Стојановиќ и Арсеновски 2.    Седмерци: 6/8.    Исклучувања: 16 минути.

Судии: Марко Борициќ и Дејан Марковиќ од Србија.

Прочитано 231 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 + = 10