СОНИШТАТА СТАНАА РЕАЛНОСТ

20.10.2012 23:26
DSC_2755_resize_resize

Соништата станаа реалност !

Со години го градиме нашиот тим. Со години вложуваме средства и сили. Со години сонуваме еден ист сон – Металург во самиот европски врв. Дојде и тој ден. Невозможното го направивме можно, а соништата станаа реалност. Ја живееме својата златна есен, во која нижеме успеси кои им се под сила само на најголемите колективи во нашиот сакан спорт.

Четири победи во четири меча е резултат од кој се врти во главата, резултат за неверување. Сега сме зрели, сега сме мудри и – многу сме силни. Се уште имаме слабости, се уште има работи што мораме да ги исправиме, во веќе сега сме “машина“ што меле се пред себе. Изненадуваме со својата огромна волја и психолошка стабилност, со својот борбен дух и својот глад за победи. Металург станува институција.

Можеби вчерашниот противник и не е мерило за нашата вистинска вредност, но тој е нашиот четврти противник во Лигата на шампионите, а збирот на имиња на поразените – е мерило за нашата моќ.

Вчерашниот амбиент во салата “Борис Трајковски“ е најубавото нешто што може да го доживее еден спортист. Безмалку 7000 луѓе, прекрасни луѓе, создадоа победничка атмосфера, и одеднаш напреварот престана да биде само натпревар, се претвори во празник, во општонародна веселба во која уживавме сите. Металург им врати за покажаната љубов и приреди шоу какво што не памети нашата земја. На таквата публика и се поклонуваме до земја, со таква публика можеме да играме со секого. И затоа, на прес-конференцијата по натпреварот, Лино Червар посака да биде ракометар, да биде дел од тимот на кој му беа наменети овациите.

Ви благодариме, драга наша публико. Ви благодариме за љубовта кон нас и силата која ја црпиме од вас.

Имаме осум бода и ја подотворивме вратата која води во толку посакуваниот Топ-16. Но сега имаме и поголеми апетити. Сега сакаме да бидеме први во нашата група. За да успееме во тоа треба да победиме уште еден голем противник – полскиот шампион Киелце. Имаме повеќе од еден месец за да се подготвиме и да ја оствариме и таа желба.

Санкт Петербург е сосема солидна екипа. Тоа го покажа во почетокот од натпреварот, во кој водевме тешка борба за секој гол. Поведовме од самиот почеток и го задржавме водството до самиот крај. Меѓутоа, мораа да поминат четиринаесет минути за да го начнеме противничкиот отпор. Последен пат гостите израмнија при резултат 6:6, а потоа постепено почнаа да губат. Во 25 минута примивме гол со кој гостите намалија на 13:11. Тоа е нивниот единствен гол во следните 13 минути, време за кое ние постигнавме дури седум невозвратени гола. Тоа е периодот во кој целосно го скршивме противникот.

Дел од овој период спаѓа во второто полувреме од средбата. Токму ова полувреме ќе се памети по виртуозната игра на нашите ракометари и по френетичната подршка на нашите фанови. Се чини дека Металург не играше ракомет. Тоа беше нешто повеќе, тоа беше вистинска уметност. Прекрасни акции, молскавични напади, убиствена реализација. Се чини дека игравме над своите можности. Противникот, збунет од случувањата, не можеше да најде начин за да ни се спротивстави. Веројатно единствената негова желба беше што побрзо да дојде крајот на голготата, да престанат нашите голови, да престане хаосот кој доаѓаше од трибините. Санкт Петербург е млада екипа, но ве уверуваме дека тоа што се случи во второто полувреме не би го издржале и многу поискусни и поцврсти тимови.

Набргу разликата почна рапидно да расте. Во 33 минута беше +6, 17:11, во 38 минута +8, 20:12, а во 42 минута и цели десет гола предност, 22:12. Максималната разлика од +13 гола првпат ја постигнавме во 55 минута, при резултат 29:16, а ја повторивме при 30:17, 31:18 и крајните 32:19.

Од судбина не се бега. Со истиот резултат го испративме тимот на Санкт Петербург и лани.

Маестрална игра на новиот миленик на македонската публика – Ренато Вугринец. И не само поради огромните 11 постигнати гола. Ренато одигра толку добро што ја дигна на нозе публиката во салата. Другиот наш генијалец, Дарко Станиќ, ги фрли во очај противничките напаѓачи. Имаше само 14 одбрани, но се случија тогаш кога навистина беа потребни. Токму во тоа е генијалноста на нашиот голман. Тој знае точно да оцени кога треба да почне со свои бравури на голот. Повторно воодушеви младиот Манасков. Зачудувачка е брзината со која зрее тоа момче. Тие што го пратат Металург вчудовидени се од неговата метаморфоза од надежен ракометар до крило од светска вредност. Нашиот ударен тандем Мојовски – Миркуловски, со вкупно девет гола, го даде својот стандарден придонес. Одбраната, помалку ровита во почетокот, целосно ги затвори приодите кон нашиот гол во поголемиот дел од натпреварот.

Сега не чека пауза. Следниот натпревар е на 18 ноември. Играме во Скопје против главниот конкурент, екипата на Киелце. За тогаш и ја закажуваме нашата следна средба со нашата публика, убедени во нејзината непроменлива подршка.

Скопје, сала “Борис Трајковски“. Гледачи: околу 7000.

Металург – Санкт Петербург   32:19 (15:11)

Металург: Станиќ (14 одбрани), Митревски (3 одбрани), Вугринец 11, Н.Мојсовски 5 (2), Миркуловски 4, Манасков 4, Козлина 2, Стоилов 2, Батиновиќ 1, Димовски 1, Ракчевиќ 1, Георгиевски 1, Алушовски, Додер, Јоновски и З.Мојсоски.     Седмерци: 2/2.    Исклучувања: 6 минути.

Санкт Петербург: Шицко (8 одбрани), Кишов (2 одбрани), Насиров 4, Семенов 4, Санашкин 3, Чезлов 2, Киселев 2, Кузмин 2, Черних 1, Пољаков 1, Биков, Григорјев, Лаужин, Новоселов и Пишкин.    Седмерци 2/2.      Исклучувања: 8 минути.

Судии: Чаба Добровиц и Петер Тајок од Унгарија.

Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

Фотогалерија:

Прочитано 1.737 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 3