Топ Вести

Србија немаше шанса против одличната Македонија

05.01.2019 01:01
Makedonija

Сениорската репрезентација на Македонија денеска го одигра својот прв пријателски натпревар во фазата на подготовките за претстојното СП во Германија и во Данска. Денешното одлично издание на нашиот национален тим беше крунисано со убедлива победа против северниот сосед. Србија е совладана со резултат 37:31 (19:13).

Неизвесноста на денешната средба траеше се на се десетина минути во кои двете репрезентации повремено беа во водство. Се после тоа беше во знакот на Македонија која во 13. минута прв пат стекна предност од два гола, 8:6. Македонија воглавно играше со седум ракометари во нападот и функционираше добро, иако повремените грешки беа казнувани од нашиот противник. До крајот на првите 30 минути нашиот национален состав обезбеди предност од шест гола, 19:13, решавачки за победата на овој натпревар.

Македонија моќно го почна и второто полувреме и веќе во 41. минута имаше и двоцифрена предност 27:17, за малку подоцна да ги стекне и максималните +11, 29:18. Откако победата беше обезбедена, дојде до мало опуштање кај нашите репрезентативци, а тоа го искористи противникот и до крајот на средбата успеа барем малку да го ублажи високиот пораз.

На средбата со Србија, Раул Гонзалез им даде шанса и на младите ракометари на Металург, а најдобро се снајде Мартин Серафимов, кој ги постигна своите први два гола за националниот тим, двата од линијата за седум метри – првиот од нив во 57. минута.

Македонија одигра одличен натпревар, но ќе мора да биде уште подобра за сериозен успех на СП. Денеска примивме 31 гол, кои веројатно го загрижуваат нашиот селектор.

Утре Македонија ќе одигра уште еден натпревар против репрезентацијата на Србија, но овој натпревар ќе биде од затворен карактер.

.

Македонија – Србија  37:31 (19:13)

Македонија: Ристовски(10 одб.), Митревски, Томовски, Даскалоски, Манасков 9, Стоилов 1, Димитриоски, К. Лазаров 5, Чурлевски, Талески 2, Маркоски, Кузмановски 6, Танкоски, Георгиевски 4, Ф. Лазаров 1, Крстевски, Поповски 2, Пешевски 5, Лазаревски и Серафимов 2.    Седмерци: 3/5.   Исклучувања: 6 мин.

Србија: Цупара (4 одб., 1 сед.), Милосављев (2 одб.), Веркиќ 1 (2 одб., 1 сед.), Пусица, Воркапиќ, Орбовиќ, Вујиќ 4, Крсманчиќ 1, Пешиќ, Радивојевиќ 3, Н. Илиќ 1, Мошиќ 1, В. Илиќ 3, Николиќ 4, Кукиќ 2, Зеленовиќ 1, Вејин 3, Сретеновиќ 1, Марсениќ 4, Ненадиќ 1 и Обрадовиќ.    Седмерци: 3/4.    Исклучувања: 2 мин.

Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола.

Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

Прочитано 734 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 2 = 11