ТЕЖОК НАТПРЕВАР ВО КОЈ САКАМЕ ДА ПОБЕДИМЕ

11.02.2012 00:32
563222_424880634254590_2003809201_n_resize

Металург одамна го исполни претходно зацртаниот план – пласман во следната рунда во Лига на шампиони. Сега, откако станавме дел од елитниот Топ 16, ред е да се обидеме да направиме и нешто повеќе. Знаејки ги можните противници од другите групи јасно е дека најдобри шанси дава позицијата број два во нашата група (првото место е резервирано за екипата на Хамбург) и двобој со некоја од третопласираните тимови од другите групи. На патот до остварување на оваа новопоставена цел е само еден противник…оној денешниот.

Победата против Цимос Копер практички (без малку и теоретски) гарантира второ место. Дури и да ги загубиме останатите две средби, Копер да ја совлада Констанца дома а Висла да ги добие средбите со Металург и Ст.Петерсбург, би се создала група од три екипи со по 11 бода и би се гледале меѓусебните средби. При таква констелација, ние би биле први со три победи и пораз, Копер би бил втор со два пораза, победа и реми, а Висла трета со истиот скор.

Во случај денешната средба да заврши нерешено, тогаш второто место ќе го бркаме на мечот против Висла. Во тој случај, ако ја победиме Висла ние сме втори, Копер трет а Висла четврта, ако играме нерешено Копер е втор, ние трети а Висла четврта и на крај ако загубиме Копер ќе биде втор, Висла трета а ние четврти.

Ако Металург загуби денес, Копер е втор а ние со Висла ќе се бориме за трета позиција. Во тој случај ќе ни треба победа или реми против Висла.

Ако загубиме и од Копер и од Висла, тогаш во борба за третото место ќе одиме по потешкиот пат и ќе мораме да го совладаме Хамбург во Скопје, под услов нашиот пораз во Полска да е помал од 4 гола, или ако е со 4 тогаш да имаме примено помалку од 31 гол или да дадеме повеќе од 27.

Калкулации има многу. За среќа ракометарите не се оптоварени со таквите варијанти и нивното внимание е насочено кон денешниот натпревар и денешниот противник. По поразот во Нашице и повредите кои не следат, ни се припишува аутсајдерска улога. Металург често бил во таква ситуација и доволно често излегувал како победник. Или како што кажа Наумче Мојсовски: “Кога е најтешко, Металург е најсилен“.

Миладин Козлина кој сигурно ќе настапи на оваа средба токму денес полни 29 години. Победата сигурно ќе му биде најголем подарок.

Прочитано 818 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 − 2 =