ТИХОМИР ДОДЕР

27.07.2012 15:04
DSC_7199

Тихомир Додер е човекот чиј трансфер во Металург, пред извесно време, предизвика бура од реакции и ги вжешти односите помеѓу нашите два најдобри ракометни колективи. За Металург, кој беше обвинуван за “кражба на противнички играч“, ангажирањето на Додер беше само добра зделка која резултираше со донесување на квалитетен ракометар кој, според нашата управа, му е потребен на тимот. Со неговото ангажирање, Металург доби квалитетен организатор кој ќе придонесе за подигнувањето на нивото на нашата игра.

———————————————

Tвојот трансфер во Металург без малку предизвика војна меѓу двата клуба а нашите и до тогаш “тенки“ односи ги направи скоро невозможни. Што ти мислиш околу тоа ?

-“ Па добро… лошите односи меѓу двата клуба датираат од поодамна. Но секако, со мојот трансфер состојбите нагло се влошија, особено затоа што тоа се случи на 4,5 дена пред купот. Тоа внесе дополнителна нервоза и влијаеше врз меѓусебните односи“.

Ние сметаме дека овде сепак се работи за пропуст на вардаровата управа. Металург новите договори ги завршува барем три месеци пред нивниот истек и затоа такво нешто нам не може да ни се случи. Кога всушност Вардар ти понуди нов договор ?

-“ Со Вардар разговарав само пет дена пред средбата со управата на Металург или нешто повеќе од две недели пред истекот на мојот договор. Да, начелно се договоривме но само начелно, без да потпишеме. Фактички ме оставија да чекам до самиот крај“

Знаеме дека си бил под голем притисок во текот на тие 20 дена. Се играа важни натпревари во кој ти настапуваше за Вардар иако де факто беше ракометар на Металург. Ги трпеше сомнежите на Вардар, притисокот на вардаровите навијачи и играше против својот иден клуб. Како го преживеа сето тоа ?

-“ Јас не бев под некој голем притисок после потпишувањето. Најтешко ми беше од моментот кога се договорив со Металург до моментот кога за тоа и соопштив на управата на Вардар. Тие 4,5 дена ми беа многу, навистина многу тешки. Не сакав Вардар оваа вест да ја слушне преку некој медиум или на некој друг начин и барав момент тоа да го соопштам самиот. Е, од кога им соопштив ми олесна. Самиот трансфер не е ништо страшно, во Европа такви примери има колку што сакаш.

Има луге кои тврдат дека Додер е повеќе земен за да се ослабне Вардар од колку што му е навистина потребен на Металург. Веруваш ли во таквите приказни ?

-“ Не верувам во такво нешто. Нашите клубови не се толку моќни за да купуваат и плаќаат играчи само за да се ослабне конкурентот. Во тоа нема никаква логика“.

Сепак, играш на место каде Металург е всушност најсилен. Во офанзивна формација тука се Миркуловски, Мојсовски, Батиновиќ. Во дефанзивна, можеме да наведеме уште повеќе имиња. Како ќе се снајдеш во една таква конкуренција ?

-“ Ќе видиме. Тоа го оставам на тренерот а ќе го видиме на теренот“.

Всушност, вистински организатори на играта во Металург се Мојсовски и Миркуловски. Токму нивниот замор беше и причина за падот на нашата игра на одредени натпревари. Сега ти и Батиновиќ сте сосема соодветни ракометари кои можат да дадат додатен организациски импулс.

-“ Токму на тоа и мислев. Никој не може да одигра 60 минути, особено не да одигра квалитетно“.

Почна новата сезона и Металург повторно ќе се бори на неколку фронта. Од една страна е домашното првенство и купот, од друга страна е СЕХА лигата, од трета Лигата на шампиони. Како гледаш на нашите можности во тие натпреварувања ?

-“ Што се однесува на Лигата на шампиони, прво треба да ги миниме квалификациите и да влеземе во групната фаза. Според имињата на екипите во групата мислам дека се реални нашите шанси за пробив во наредната фаза, а тоа значи освојување на едно од првите четири места.

Од друга страна, исклучително е важно да се освои и домашното првенство кое е единствениот билет за учество во Лига на шампиони. Мои очекувања се дека ќе ги освоиме и првенството и купот со што Металург ќе го поврати пехарот загубен минатата сезона.

Што се однесува до СЕХА лига мое предвидување е дека во фајнал-форот ќе се најдат екипите на Металург, Вардар, Татран и Брест Мешков. Загреб, поради загубата на голем број врвни ракометари и промената на генерацијата, по мене нема да избори место во првата четворка“.

Ги познаваш сегашните состави на Металург и Вардар. Како би ги споредил во однос на составите од минатата сезона ?

-“ За жал не ја пратам ситуацијата со засилувањата во Вардар и не можам да дадам своја проценка. Што се однесува на Металург секако дека е посилен од лани“.

Па, добродојде во нашиот клуб.

-“ Благодарам“.

Фото:

Прочитано 1.135 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − = 5