ТИНЕКС ПРОЛЕТ СЕ “ПРЕПОТИ“ ПРОТИВ ЈУНИОР

03.11.2012 23:02
DSC_0082_resize_resize_resize

На чекор од сензација беа младите ракометари на Јуниор против силниот и искусен Тинекс Пролет, кој се препоти за да дојде до минимална победа. Иако домашната екипа беше во постојано водство, момците од Јуниор им беа постојано зад петици. Екипата на Тинекс веројатно сметала на лесна победа и бодови „без многу крв“, но наиде на расположен противник, кој до самиот крај држеше резултатска тензија, доведувајќи го домаќинот до очај. Тинекс Пролет целиот натпревар го одигра со најдобрата постава и на крајот ја доби средбата. На ракометарите на Металург јуниор можеме да им честитаме за добрата игра, за нивната упорност и за храброста со која влегоа во овој натпревар против екипата што цели кон титулата есенски шампион на Македонија.

Домашните ракометари поведоа во самиот почеток. Во 16. минута беше 7:3 и ништо не ја навестуваше драмата што се случи во продолжението. Металург прави серија од 3:0 и фаќа резултатски приклучок, 7:6. Во 25. минута е 11:8, во 28. минута 13:10, а во 29. минута Тинекс ја има најголемата предност од +5, 15:10. Во последниот напад од првото полувреме Јуниор постигнува гол и екипите заминаа на одмор со резултат 15:11.

Второто полувреме е најдоброто што Јуниор го одигра оваа сезона. Нашите ракометари како „осички“ го напаѓаа голот на Тинекс, а разликата почна да се топи. Во 41. минута беше 17:15, во 47. минута 20:18, во 53. минута 22:20, а во 57. минута само 23:22. Ракометарите на Тинекс постигнаа два гола и на две минути до крајот се одлепија на +3, 25:22. Ниту тоа не ги „скрши“ момчињата од „Автокоманда“, и тие одговорија со свои два гола. Во последната половина минута беше исклучен Марко Неловски и екипата на Тинекс Пролет успеа да го зачува своето минимално водство, за своја голема радост.

Феноменална партија на младиот Горан Крстевски, кој постигна 10 гола и беше носител на нашата офанзива. Одличен на пикерската позиција беше Жарко Пешевски, кој сам се бореше со корпулентните ракометари на Тинекс и постигна 6 гола.

На средбата присуствуваше и генералниот спонзор на Металург, г-динот Минчо Јорданов, кој видно задоволен ја напушти салата. Тука беа и Лино Червар, како и комплетното раководство на Металург.

DSC_0060_resize_resize_resize

РК Тинекс Пролет – РК Металург Јуниор  25:24 (15:11)

РК Тинекс Пролет: Грчевски, Ѓорѓиоски 1, Димовски 1, Младеновски 5, Мајнов, Апостоловски, Ролевски 4, Коруновски, Петковски 1, Петрушевски 8, Цветковски, Сековски 2, Стефанов 2, Андоновски, Печенковски и Спасовски 1.    Седмерци: 2/2.    Исклучувања: 8 минути.

РК Металург Јуниор: Ивановски, Даниловски, Гинов, Пешевски 6, Нелоски 1, И.Крстевски 1, Манасков 2, Матијашиќ, Велковски, Маркудов, Талески 1, Бој.Маџовски 1, Борј.Маџовски 2, Стојановски, Г.Крстевски 10 и Давитковски.      Седмерци: 8/10.    Исклучувања: 8 минути.

Судии: Кркачев Сашо и Колевски Ѓоко од Скопје.

Делегат: Начевски Ристо од Скопје.

Фотогалерија:

Прочитано 977 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 6