ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ ИЛИ ВРЕМЕ НА РЕЖИСЕРИ

08.02.2012 16:48
io-seha-mash-1316551760_resize

Ние што вчерашниот натпревар го доживеавме преку следење на промените на резултатот не бевме во можност да ги видиме бројните судиски неправди на штета на нашиот тим. Некој сега ќе каже – изгубија и веднаш се жалат. Металург не е клуб кој може да си дозволи да си игра со своето реноме и неосновано да се жали. Впрочем, ова не е прв пат да се жалиме на судењето во СЕХА лига особено кога противниците се од Хрватска. Тие што ги гледале натпреварите против Загреб и Нексе во Скопје точно знаат за што се работи.

Очигледно е дека освен еден фаворизиран клуб кому не му фали влакно, останатите се во ситуација да не’ победат кога можат или пак да не’ загубат кога можат. Бидејќи не веруваме дека судиите не не сакаат, останува да веруваме дека се натерани да не не сакаат. Причини веројатно има многу: поинтересно натпреварување со збиена група на аспиранти за првите 4 позиции, кладилници, аналфабети судии  и т.н.

Вчера дозволија груба игра која ја плативме со повредата на Ракчевиќ, ни одземаа топки, судеа непостоечки фаули, ги кратеа нашите напади. Во последните неколку минути кога се кршеше резултатот го исклучија Наумче Мојсовски а веднаш после него, наводно поради приговор, со црвен картон го наградија Миркуловски, човекот кој никогаш во кариерата немал нити усна опомена за приговор.

Поради зачестените судиски неправди ракометниот клуб Металург размислува околу целисходноста на своето понатамошно учество во оваа лига. Како последна опомена го испративме следното писмо потпишано од претседателот Ристо Чокрев, до претседателот на СЕХА лига, г-нот Санди Шола, и комесарот на лигата, г-нот Драган Начевски.

Ви го пренесуваме интегралниот текст на писмото:

            До

            Претседателот на СЕХА лига г-дин Санди Шола

            Комесар на СЕХА лига г-дин Драган Начевски

            Сите учесници на СЕХА лига

                         Почитувани ракометни пријатели

РК Металург како еден од клубовите учесници во СЕХА лига, воедно и еден од главните заговорници на оваа лига сака да го информира претседателот на лигата и комесарот на истата, дека срамното судење на судиите Мошорински и Панџиќ од Нови Сад на натпреварот РК Нексе и РК Металург ја прели чашата на трпението и толеранцијата од катастрофалното судење во оваа лига (чест на поедини парови).       

Во исклучително неповолни услови при патувањето нашиот тим успеа да стигне до Нашице и беше спремен да одигра коректен натпревар со екипата на Нексе. Меѓутоа убавата ракометна претстава ја расипаа двајца луѓе кои во ракометот гледаат само извор за своја заработка, а не како спортска игра на два спортски противници.    

Првото полувреме помина во доминација на домашниот тим и тука нема никаква замерка. Во второто полувреме кога нашата екипа заигра подобро, го изедначи резултатот а наскоро и поведе, на сцена стапија “режисерите“ со своето безобразно и тенденциозно судење.

Делеа картони и казни, одземаа топка за прекршоци што само тие ги видоа, а за да го сочуват авторитетот го користеа и црвениот картон. За поголема иронија директен црвен картон доби нашиот играч со број 13, Филип Миркуловски, кој во кариерата (а има богата ракометна кариера) никогаш нема добиено нити усмена опомена за приговор. На другата страна се толерираше се.

Како ова не би биле зборови на очајник и екипа која загуби натпревар па бара алиби, Ве молиме да го погледате видео материјалот од овој натпревар.

После сето ова останавме и без двајца играчи и тоа најмногу благодарејќи на гореспоменатите господа кои не ги заштитија ракометарите од грубите стартови.

После се (додека го пишуваме ова сеуште сме в автобус по со снег завеаните балкански патишта) ние во управата на Металург се прашуваме дали има смисол да продолжиме со настапите во ваква лига. Ве информираме дека сериозно ќе го преиспитаме нашиот настап во СЕХА лига.

Со почит,                                                  РК Металург                                            Загреб, 08.02.2012 г.

                                                        Претседател Ристо Чокрев с.р.

Прочитано 1.365 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 4