ВИСОКА ПОБЕДА НА МЕТАЛУРГ ВО БАЊА ЛУКА.

06.12.2012 21:04
wrhl_logo_resize

Ракометарите на Металург извојуваа висока победа над екипата на Борац од Бања Лука, со резултат 30:20 (16:9). Рутинирана игра на нашиот шампион, кој не му даде никакви шанси на домашниот состав.

Металург од самиот почеток покажа дека победата е негов императив на оваа средба. Ракчевиќ го отвори резултатот, а домашната екипа израмни во својот прв напад.  Со двата гола на Додер и еден на Златко Мојсоски, Металург првпат стекнa поголема предност, 1:4. Ракометарите на Борац вратија со два гола, но веќе во 13. минута имавме предност и со четири гола разлика, 4:8. Во првите петнаесет минути одлично бранеше Дарко Станиќ, кој во тој период собра 9 одбрани.

Натпреварот беше решен во периодот од 14 до 26. минута, кога нашите ракометари направија серија од 8:1 и поведоа со високи десет гола предност, 6:16. Нашата мала деконцентрација во последните две минути ја искористи противникот, и, со серија од 3:0, намали на 9:16, што беше и конечен резултат во првото полувреме.

Најпрецизни во првото полувреме беа браќата Мојсовски, кои постигнаа по четири голови.

Во вториот дел Металург ги смени поставите, но продолжи со офанзивната игра. Резултатот постојано се движеше меѓу 8 и 10 гола во наша корист, а Левов, Димовски и Батиновиќ беа нашите најчести стрелци. Во последната четвртина од натпреварот повторно се опуштаме, што домашните ракометари го користат за намалување на нашата предност на само +6, 19:25. Сепак, со брза реализација на Златко Мојсоски (2), на Батиновиќ (2) и со првенецот на Бојан Маџовски, Металург прави серија од 5:0 и доаѓа до највисоката предност од + 11, 19:30. Крајниот резултат од средбата е 20:30, за Металург.

Од нашите ракометари во игра не влезе само Георгиевски, кој беше поштеден. Него одлично го замени Златко Мојсоски, кој имаше фантастични 6/6. За обележување е и првиот гол на Бојан Маџовски во дресот на Металург. Тој е земен во екипата како замена за повредениот Дејан Манасков.

Колку што не израдува високата победа, толку не загрижи повредата на Велко Маркоски во почетокот на второто полувреме. Тој го повреди коленото, а тежината на повредата ќе се утврдува утре.

Металург утре заминува за Нашице каде што на осми декември не очекува натпреварот со Нексе.

РК Борац – РК Металург   20:30 (9:16)

РК Борац: Љубишиќ (5 одбрани), Хасељиќ (2 одбрани), Микиќ 2/5, Врањеш 1/1, Јанковиќ 5/11, Граџан 2/2, Херцеговац 0/2, Глумичиќ, Тешиќ, Црногача, Безбрадица 3/6, Обрадовиќ 2/6, Делиќ 5/7, Тривунџа 0/3 и Челиќ.         Седмерци: 0/1.    Исклучувања: 4 минути.

РК Металург: Станиќ (10 одбрани), Митревски (5 одбрани), Ракчевиќ 3/4, Левов 3/4, Димовски 3/3, Маџовски 1/1, Георгиевски, Миркуловски, Маркоски, З.Мојсоски 6/6, Додер 3/5, Н.Мојсовски 5/7 (4/4), Стоилов, Батиновиќ 4/7, Јоновски 0/1 и Алушовски 2/2.       Седмерци: 4/4          Исклучувања: 4 минути

Прочитано 741 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 1 =