Во драматична завршница Металург 2 го доживеа својот прв пораз во новата сезона

09.10.2016 16:31
MJI_4306_resize

Денеска во Автокоманда се одигра последниот натпревар од 4. коло на македонската ракометна Суперлига во кој Металург 2 го доживеа својот прв пораз во новата сезона. Повеќе среќа овој пат имаа ракометарите на Охрид, кои дојдоа до победата во последните половина минута од средбата.

Првото полувреме му припадна на нашиот противник, кој водеше во текот на сите 30 минути, најчесто со 2 до 3 гола, но и со максималните +5, 12:17. И покрај резултатската негатива нашите млади ракометари постојано беа во игра и ниту во еден момент не се предадоа, ниту пак покажаа недостаток на амбиции за освојување на трите бода. И покрај упорната борба за што подобар резултат на одмор заминавме со негатива од 4 гола, 13:17.

Во второто полувреме Металург 2 заигра многу поафанзивно и почна полека да ја топи предноста на гостинскиот состав. Сепак, требаа да минат 51-на минута за да дојдеме до првото израмнување, 25:25, а 52-е за нашето прво водство, 26:25. Последните осум минути минаа во израмнета борба во која екипите се менуваа во водството. За жал нашите млади ракометари погрешија кога не требаше, па не ги реализираа своите последни два напади. Најпрво, во 60. минута имавме напад за водство, но по наша грешка во контра истрча Крсте Андоновски, кој и донесе минимална предност на екипата на Охрид, 29:30, а потоа имавме 30-тина секунди за израмнување, па нападнавме со седум ракометари, оставајќи го нашиот гол празен. Нашиот удар кон голот го скроти противничкиот блок, а топката стигна до голманот Трајкоски, кој го погоди нашиот празен гол, за конечни 29:31.

 

Металург 2 – Охрид  29:31 (13:17)

Металург 2: Томовски, Пешевски, Крстевски 11, Шулевски, Здравковски, Димитриоски  6, Гошевски, Стојменов, Шилегов 2, Арсеновски 2, Танкоски 4, Јагуриновски 2, Матијашиќ 2, Лазаревски, Беќаровски и Палевски.    Седмерци: 2/3.    Исклучувања: 2 минути.

Охрид: Стојановски, Трајкоски 1, Матески, Андоноски 7, Ивановски, Младеновски 5, Блажески 1, Костов, Новаковиќ, Спасовски, Јанев 6, Кобетиќ 5, Кежиќ 4, Трифуноски, Белески и Адамовиќ 2.    Седмерци: 2/2.     Исклучувања: 6 минути.

Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје.

Делегат: Душко Камишевски

 

Објавено на: 9.10.2016

Прочитано 0 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − 2 =