Во драматична завршница, Металург РА го совлада Вардар Неготино

21.03.2021 16:28
DAR_3847_resize

Во четвртото коло од плејофот на Првата лига, Металург РА во Автокоманда ја совлада екипата на Вардар Неготино, со минимални 28:27 (14:14).

Иако резултатот е тесен, Металург РА во текот на целата средба ја имаше контролата врз играта и на моменти имаше и убедливи водства, кои за жал не успеа да ги одржи.

Уште од самиот почеток нашиот тим успеа да создаде опиплива предност, па водеше со 6:2, 7:3 и 8:4. Се чинеше дека мечот ќе биде решен уште во првото полувреме, но нашите лоши десетина минути, во кои направивме бројни технички грешки и не реализиравме неколку едноподруго напади, целосно ја сменија сликата на теренот, па и на семафорот. Вардар Неготино не само што успеа да израмни, на 9:9, туку набрзо и поведе, со максимални два гола разлика, 10:12. Сепак, првото полувреме заврши со израмнети 14:14.

Во второто полувреме видовме многу слична игра. Металург РА постојано водеше, повремено со 3, па и со 4, гола разлика, но немаше постојаност за да ја задржи стекнатата предност и противникот набрзо успеваше да се врати во игра. На седум минути до крајот имавме солидни 24:20, но Вардар Неготино најде сили и повторно дојде на само еден гол негатива. Со таа разлика и заврши овој интересен натпревар во кој Металург РА ги освои сите три бода.

Во нашите редови најдобри беа Мандиќ и Додиќ, кои беа стрелци на безмалку половина од нашите голови.

.

Металург РА – Вардар Неготино  28:27 (14:14)

Металург РА: Брестовац, Ацевски, Димевски 3, Фидановски 1, Христоски 3, Трајкоски, Андревски 1, Ристовски 2, Георгиевски, Шкријељ, Мандиќ 7, Прцуловски 4, Петровски 1, Додиќ 6 и Таневски.    Седмерци: 4/7.     Исклучувања: 10 минути.

Вардар Неготино: Ташев 7, Бој.Трпески, Кузманов 3, Орецков 3, Митевски 1, Божиновски, Ристов 2, Недев, Грозданов 4, Пеовски 7, Ристовски, Бор.Трпески, Стаменов и Најдов.     Седмерци: 3/5.    Исклучувања: 8 минути.

Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски.

Делегат: Ерик Белимов.

Прочитано 180 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 2 = 11