Во Кожани, Македонија ја наведна главата

28.10.2018 20:38
2mkdgre-3

Неверојатен е резултатот од денешната квалификациска средба одиграна во Кожани – Македонија загуби од Грција, со резултат 28:26 (12:13). Ако до вчера се обидувавме да погодиме со колкава разлика ќе ги победиме “аматерите“ од Грција, денеска запишавме голема нула и го доживеавме најголемиот ракометен срам во последните две децении. По бледата играа против Турција во Скопје, денеска Македонија одигра очаен натпревар со кој го доведе во прашање своето “сигурно“ учество на ЕП 2020. Гледајќи ги сигурните резултати на Исланд, кој двоцифрено ги порази и Турција и Грција, веројатно решавачка ќе биде средбата во Турција каде ќе бранеме позитива од само четири гола.

Македонија наизглед сигурно ја почна денешната средба, бидејќи многу рано обезбеди солидна предност од четири гола, 1:5. Но противникот не се предаде и постепено стигна до израмнети 8:8. Се до крајот на првиот дел се водеше борба за секој гол, па на одмор заминавме со минимални 12:13.

Вториот дел го почнавме со предност од три гола, 15:18, но тоа траеше многу кратко, бидејќи влеговме во криза и во период на грешки во серија. Грција успеа да израмни на 22:22, а потоа и да поведе со 23:22. Од тој момент почна голготата на македонските ракометари, кои не успеаа да го совладат шокот и да се вратат во водство. Конечниот резултат е реален според сето тоа што го видовме на теренот. За среќа, расположен беше Никола Митревски, кој одбрани 13 удари, инаку срамот ќе беше и поголем.

.

Грција – Македонија 28:26 (12:13)

Македонија: Митревски (13 одбрани), Даскаловски, К.Лазаров 8, Талески 6, Манасков 4, Георгиевски 2, Пешевски 2, Ф.Лазаров 1, Н.Маркоски 1, Поповски 1, Прибак 1, Кузмановски, В.Маркоски, Ојлески, Стоилов и Велковски.

Прочитано 954 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


2 − = 0