ВО МЕТАЛУРГ ЈУНИОР Е ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ

17.05.2013 21:01
DSC_0326_resize

za tekst

Металург Јуниор оствари одличен резултат со пласманот во самата завршница на Купот на Македонија. Еден од најзаслужните за ваквиот успех е тренерот Александар Јовиќ.

Металург Јуниор се пласира во фајналфорот на Купот на Македонија, што е голем успех, но истовремено игра во лигата за опстанок во првенството на Македонија. Како ја објаснуваш ваквата противречност?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Самиот пласман во фајналфорот е огромен успех за екипа чиј просек е осумнаесет и пол години. Убедливата победа над Куманово, во четвртфиналната фаза, покажува дека успехот не е случаен. Како тренер тоа ме радува и јас сум горд на моите ракометари. Во лигата за опстанок сме убедливо први и така ќе биде до самиот крај на натпреварувањето. Нема противречност во нашите резултати. Можеме само да жалиме што првенството не почнува сега, зашто одговорно тврдам дека ќе игравме во лигата за првак. Се работи за млади ракометари, кои брзо учат и брзо напредуваат.

Играта на Металург Јуниор ја следи уште еден парадокс – најдобрите натпревари ги одигравте без своите најдобри ракометари: Нелоски и Г. Крстевски, а долго време и без Талески. Во што е тајната?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Тајната е во тимот и во тимскиот дух. Ракометот е тимска игра во која секој поединец го дава својот придонес, а тимот на површина ги исфрла најдобрите. Жалам за повредите на Нелоски и на Крстевски, се работи за 17-годишници со исклучителни физички предиспозиции и со вроден талент. Им посакувам брзо да му се вратат на спортот, но и се надевам дека сите ние што се грижиме за развојот на младите ракометари ќе сториме сѐ за да не ни се случуваат таквите работи. Во работата со овие генерации не смееме да брзаме, да експериментираме и да ѝ пркосиме на природата. Се работи за млади играчи, одлични потенцијали, кои се наша долгорочна цел и иднината на македонскиот ракомет.

Познат си како тренер што го користи секој слободен момент за дополнителен тренинг. Како тоа го прифаќаат твоите ракометари?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Работата е цената на успехот. Јас сум среќен што по завршувањето на мојата играчка кариера добив можност да ја работам работата што најдобро ја познавам и ја сакам. Нема успех без многу работа, во секој слободен момент. Без работни навики, љубов спрема работата и без способност да се снајдеш во секоја ситуација, стануваш просечен и ништо повеќе. Почувствував дека дополнителната работа дава резултати, а моите ракометари доаѓаат на тие тренинзи, во согласност со своите школски обврски. Доаѓаат со желба.

Дали Александар Јовиќ е строг тренер?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Јас многу давам, а за возврат и многу барам од моите ракометари. Бидејќи се сметам себеси за работник, јас ги сакам работниците. Но знам и да балансирам, да ги мотивирам играчите да го дадат својот максимум. Јас сум со нив и кога сме сите расположени, но и кога доаѓаат лошите денови и лошото расположение. Ги учам како да ги препознаат и подготвено да ги дочекаат своите пет минути. Од нив барам човечка скромност, но и итрина, за да опстојат во светот каков што е.

Младоста е заштитен знак на Металург Јуниор. Кои ти се најголемите проблеми при работа со оваа категорија ракометари?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Сегашниот состав на Металург Јуниор се состои од две генерации. Едната е со мене од 2009 година, кога ги селектирав од нашите школи, втората е составена од ракометари што останаа од ланскиот Јуниор. Со првите се разбираме со погледи, се чувствуваме едни со други. Истото тоа сакав да им го наметнам и на постарите, за да нема поделби, за да не се почувствуваат запоставено и за да сменат некои од своите навики што не ми се допаѓаа. Мислам дека успеав во мојата намера и дека сега се тим за пример. Особено ме радува што сите веруваат во тоа што го работат.

Металург Јуниор се смета за предворје на првиот тим. Има ли кај тебе ракометари што веќе тропаат на вратата на Лино Червар?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Почетокот на мојата тренерска кариера временски коинцидира со доаѓањето на Лино Червар и на Данијел Јуришиќ, како кондициски тренер. Учев од најдобрите, најискусните, со големи резултати на европско и на светско ниво. За тоа дали има подготвени ракометари и кога ќе му се приклучат на првиот тим ќе решава Лино Червар. Факт е дека во многу ситуации и на многу прес-конференции беа промовирани низа мои ракометари, а дел од нив веќе имаат и настапи во Регионалната лига, па и во Лигата на шампионите. Лично јас имам желба потенцијалот што го имаме во Металург Јуниор засега да остане заедно, за да се развиваат правилно, бидејќи секое брзање носи ризик, особено кај генерацијата 1996/1997. Треба да бидеме трпеливи.

Што очекуваш од настапот на Металург Јуниор на фајналфорот во Купот на Македонија?

DSC_0144_resize_resize_resize_resize_resizeЈовиќ: Ние сме желни за докажување. Сакаме да се промовираме на најдобриот начин, особено што ќе нѐ гледа целата спортска јавност. Имаме одлична можност да го покажеме нашиот талент и да потврдиме дека тука е иднината на македонскиот ракомет. Без разлика на утрешниот резултат, сакам сите да бидеме задоволни од играта што ќе ја прикажеме на теренот. Зомимак е голем фаворит, но ние ќе направиме сѐ за да ги изненадиме. Моја желба е да се пласираме во финалето и таму да се сретнеме со нашиот прв тим.

Прочитано 1.804 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 + = 11