Во пријателска средба, Работнички подобар од Металург 2

30.08.2018 12:30
_DSC0049_resize

Во Автокоманда вчера се одигра контролна средба меѓу екипите на Металург 2 и на Работнички. Средбата заврши со победа на гостинскиот тим, со резултат 25:27 (8:14).

Металург 2 на оваа средба настапи без петмина првотинци, па сепак успеа добро да му се спротивстави на засилениот тим на Работнички, кој годинава сериозно ќе се бори за влез во македонската Суперлига.

Металург 2 прв го отвори резултатот и тоа во својот прв напад во првата минута. За жал, мораа да минат дури 11 наредни минути за да го видиме нашиот втор гол. Оваа гол-пауза на Металург 2 ја искористија гостинските ракометари, кои наредија серија од дури 7:0, за убедливи 1:7. Овој несреќен период и ја реши средбата, бидејќи нашите ракометари не успеаа да направат резултатски пресврт до самиот крај на натпреварот. Првото полувреме заврши со резултат 8:14.

Во второто полувреме Металург ја презеде иницијативата и вложи многу напор да го смени текот на средбата, но, најмногу што постигнавме е значително да ја намалиме негативата, на само два гола, најпрво во 50. минута, при 19:21. Мора да се истакне дека нашите ракометари во овие минути не искористија низа можности, со кои можевме да направиме целосен резултатски пресврт. Имено, не искористивме три чисти контранапади и зицер ситуации, кои ги реши гостинскиот голман, а згора на се промашивме и досуден пенал. Конечниот резултат од овој натпревар е 25:27 во полза на Работнички.

Ова беше трета пријателска средба на Металург 2 во подготвителниот период. Претходно ги совладавме екипите на ЦЕМС (со 9 голови разлика) и на Вардар Неготино (со 5 голови разлика). Денеска Металург 2 патува за Неготино и ќе одигра уште еден контролен натпревар со екипата на Вардар Неготино, а на 4 септември за противник ќе ја имаме младинската селекција на Обединети Арапски Емирати, кои се подготвуваат во Скопје.

.

Металург 2 – Работнички  25:27 (8:14)

Стрелци за Металург 2: Прентоски 3, Тодески 3, Лембанов 1, Кондев 5, Мелоски 1, Савковиќ 2, Ристовски 8 и Кофилоски 2.

.

Фото:

Прочитано 341 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 − = 3