Војводина демолирана во мечот со Металург

13.03.2019 00:31
DAR_8739_resize

Во својот последен натпревар од тековната сезона во СЕХА-лигата, Металург катастрофално го порази тимот на Војводина, со што целосно му се реваншира за неуспехот од првата средба во Нови Сад. Металург победи со резултат 39:20 (19:7), што е рекордна победа на еден тим во регуларниот дел од оваа СЕХА-сезона.

Војводина во Скопје допатува со подмладен тим, но тоа секако не е проблем на Металург, кој денеска одигра одличен натпревар, без многу технички грешки, и ги искористи сите свои шанси за да му нанесе тежок пораз на противникот.

Веќе на почетокот на средбата се виде дека Војводина нема што да бара на овој меч. Гостите својот прв погодок го постигнаа  дури во 6. минута, кога Металург веќе имаше водство од 5:0. Шест минути подоцна Металург имаше и 10:1, а прв пат двоцифрена предност стекнавме во 25. минута, при 15:5. Крајот на првото полувреме го дочекавме со цели 12 гола позитива, 19:7.

Ништо не се промени и во вториот дел од средбата. Металург постојано напаѓаше и полека го “полнеше“ противничкиот гол. Цврсти во одбраната и максимално резултативни во нападот, нашите ракометари целосно ја исполнија желбата на тренерот Брестовац да се победи Војводина со што поголема разлика.

Својата шанса ја искористи и младиот лев бек на Металург Михајло Младеновиќ, кој денеска постигна 6 гола, негови први во тековната сезона.

По подолго време, во дресот на Металург се појави и нашиот најдобар стрелец Александар Шпенде, кој паузираше поради повредата на окото.

Металург регуларната сезона во СЕХА-лигата ја заврши на деветтото место и веќе од утре своето внимание ќе го насочи на домашното првенство и на националниот Куп.

.

РК Металург – РК Војводина  39:20 (19:7)

РК Металург: Даниловски (5 одбрани), Томовски (4 одбрани), Јагуриновски, Лазаревски 1, Токиќ 4, Шилегов 6, Танкоски, Серафимов 6, Чориќ 1, Младеновиќ 6, Шпенде 2, Пучник, Миличевиќ 2, Маџовски 6, Стојановиќ 2 и Арсеновски 3.   Седмерци: 2/4   Исклучувања: 4 минути.

РК Војводина: Ничиќ (2 одбрани), Јелиќ (7 одбрани), Овчина 8, Ковачевиќ 4, Закула, Јеремиќ 1, Анѓелковиќ 3, Подунавац, Стевовиќ 3, Ратковиќ, Роган 1 и Мандиќ.    Седмерци: 1/1.   Исклучувања: 2 минути.

Прочитано 582 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 − = 2