ЗАГРЕБ ДОБИ ЛЕКЦИЈА ПО МОДЕРЕН РАКОМЕТ, НО СЕ СПАСИ ОД КАТАСТРОФА

26.10.2012 20:50
GIL_6129_resize

Автокоманда“ слави!

Големиот Загреб го напушти теренот ракоплескајќи им на нашите ракометари. Стариот лисец Лино Червар го надмудри својот поранешен помошник Голужа. Загреб дојде до работ на понорот, но се спаси во последните неколку минути.

Металург од натпревар во натпревар игра сѐ подобро. Денешната претстава е уште една од тие што ќе се паметат долго и ќе се прераскажуваат нашироко. Феноменална игра на нашите ракометари, кои во второто полувреме го понижија Загреб доведувајќи го до очај.

Металург денеска одигра токму спротивно од очекувањата на тренерот на Загреб, Голужа. Не бавно, со долги акции, како што навестуваше загрепскиот стратег, туку одигра брзо, со молскавични контри, кои го разбија хрватскиот шампион.

Веќе нема сомневање, Металург е најдобрата ракометна екипа на Балканот.

Самиот почеток ветуваше тешка и неизвесна борба. Загреб прв поведе преку Лука Степанчиќ, за потоа да води и со 2:1 и 3:2. Металург првпат поведе во 7. минута, 5:4, со голот на Маркоски, и така остана до самиот крај. Во 14. минута имавме два гола предност (10:8), а во 17. минута и цели три гола (12:9). Полувремето заврши со резултат 16:13.

Во второто полувреме Металург едноставно експлодира. Се користеше секоја грешка на збунетите гости за брза контра и лесна реализација. Манасков, Вугринец и Козлина буквално си поигруваа со противникот. Червар го одигра потезот на натпреварот кога на опасниот Степанчиќ му го “залепи“ брзиот Манасков, кој го неутрализира до тогаш најопасниот ракометар на Загреб. Многу брзо разликата се качи на + 8, во 40. минута (23:15), а потоа на +10 во 41. минута (25:25). Максимална предност од 11 гола достигнавме прво во 44. минута (27.16), а потоа и при 29:18 и 30:19. Во неколку наврати имавме можност целосно да го декласираме грогираниот противник, но Манасков, Георгиевски и Миркуловски промашија зицери од чисти контри. На моменти нашите ракометари и буквално го понижија големиот противник, изведувајќи пируети, ролинзи и цепелини.

Загреб се спаси од вистинска хаварија во последните пет минути, кога при резултатот 32:22 попушти концентрацијата кај нашите играчи, а гостите тоа го искористија за ублажување на болниот пораз.

Без разлика на конечниот резултат, сите видоа дека Загреб денеска доби вистинска лекција по модерен ракомет.

РК Металург – КО Загреб   33:26 (16:13)

РК Металург: Станиќ (10 одбрани), Митревски (3 одбрани), Ракчевиќ 4, Димовски, Вугринец 6, Георгиевски 3, Козлина 6, Манасков 7, Миркуловски 4, Марковски 1, З.Мојсоски, Додер, Стоилов, Батиновиќ 2, Јоновски и Алушовски.     Седмерци: 2/2.    Исклучувања: 4 минути.

Загреб: Келентриќ (3 одбрани), Ивиќ (5 одбрани), Скоко 1, Мариќ 5, Михиќ 2, Степанчиќ 8, Матулиќ 1, Матиќ, Шпилер, Батиновиќ, Хорват 4, Ј.Валчиќ, Т.Валчиќ, Сршен и Мандалиќ 5.    Седмерци: 1/1.      Исклучувања: 12 минути.

Судии: Павичевиќ и Ражњатовиќ од Црна Гора.

Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

Фотогалерија:

Прочитано 2.238 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


2 + 8 =