Заморениот Металург не издржа во Прешов

01.12.2018 22:11
MJI_2819_resize_resize

Металург со пораз го заврши својот настап во Лигата на шампионите. Во Прешов загубивме од екипата на Татран, со резултат 30:24 (15:13). Металург во Прешов допатува заморен, по тешкиот натпревар во Нови Сад, одигран пред само два дена.

Средбата почна лошо за нашиот тим, бидејќи домашниот состав релативно лесно дојде до убедливи 5:1. Но, Металург успеа да се консоидира и на средината од првото полувреме стигна до негатива од само два гола, 7:5. Токму тогаш и се разви вистинската борба, а Металург во еден момент дојде и на само чекор од резултатот на нашиот противник, 10:9. Во тие решавачки минути од првото полувреме нашите ракометари направија неколку грешки и му дозволија на Татран повторно да дојде до позитива од три гола, 13:10. Првото полувреме заврши со резултат 15:13 во полза на нашиот противник.

Металург одлично го отвори вториот дел од средбата и многу рано го израмни резултатот, 15:15. Следуваа минути кога двете екипи ги искористуваа своите напади, па резултатот беше израмнет и при 16:16 и 17:17.

Како и на многу други средби во тековната сезона, Металург не го искористи својот добар период и во пресудните моменти дозволи серија на Татран од 3:0, за 20:17 во 40. минута. Во последните 15 минути во играта на Металург се почувствува замор што резултираше со седумминутен резултатски пост. Во обид да го спасат натпреварот нашите ракометари упатија повеќе избрзани шутеви, направија неколку технички грешки, проголтаа неколку дискутабилни судиски одлуки, па разликата скоро неосетно се искачи на -8. Конечниот резултат е 30:24 и Металург го забележа својот деветти пораз.

Металург го заврши настапот во Лигата на шампионите на последното место во групата “Ц“, со една победа и девет порази. Забележавме лоши резултати, но нашите млади ракометари стекнаа непроценливо искуство. Металург, кој на почетокот од сезоната најави дека вистинските резултати ќе ги даде во период од три години, изгради солиден тим, кој, без разлика на се, е се подобар и се поконкурентен.

.

Татран Прешов – Металург 30:24 (15:13)

Татран Прешов: Гатине 5, Буторац 6, Чуприна, Цвитковиќ, Хрстка 8, Касал, Криж, Крок 3, Лапајне 3, Рабек 1, Рецикар, Сарпатаки, Страновски, Чарапкин 2, Урбан 1 и Вучко 1.    Седмерци: 2/4.   Исклучувања: 4 минути.

Металург: Томовски, Даниловски, Арсеновски 3, Димитриоски, Лазаревски 1, Маџовски, Миличевиќ, Пучник 7, Рибеиро 3, Серафимов 4, Шилегов 2, Шпенде 4, Стојановиќ, Танкоски и Токиќ.

Судии: Константинос Кацикис и Михалис Михаилидис од Грција.

Делегат: Иван Долејс од Чешка.

Прочитано 252 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 4