Завршија малерите, Металург убедлив против Партизан

25.08.2019 16:56
69130238_1506628499479426_3863806614465150976_o_resize

Во последниот натпревар од Кањижа Купот, Металург убедливо го совлада белградски Партизан, со резултат 28:23 (12:11). Со оваа победа, Металург го заврши турнирот на третото место.

Металург и на оваа средба настапи со преполовен состав, а особено стравувавме за одбраната на нашиот гол, поради отсуството на двајцата најдобри голмани. Но Пеџа Мијатовиќ одигра уште еден добар натпревар и средбата ја заврши со 10 одбрани.

Металург не го почна најдобро овој натпревар и во првите дваесетина минути најчесто бевме во резултатска негатива од еден до два гола. Се се смени во 24. минута, кога Металург го презеде водството и веќе не го испушти до самиот крај на натпреварот. Првото полувреме заврши со минимална предност на Металург, 12:11.

Вториот дел го почнавме со мини серија од 2:0, за водство од 14:11, но предноста брзо ја загубивме, по еден промашен пенал, еден удар во голманот и две топки фрлени во аут. Партизан ги искористи грешките на Металург и, со серија од 3:0, го израмни резултатот. Следеа петнаесетина минути на рамноправна игра и наизменични голови, а потоа Металург уфрли во повисока брзина и конечно го скрши отпорот на српскиот претставник. Во 58. минута ги имавме највисоките +5, 27:22, а со таа разлика заврши и средбата, 28:23.

Најдобар стрелец во Металург повторно беше Мице Шилегов, со седум постигнати голови.

Металург од Кањижа ќе замине вечерва и ќе преспие во Лесковац, каде утре, со почеток во 17.30 часот, ќе одигра пријателски натпревар со екипата на Дубочица. Веднаш по тој натпревар Металург ќе се врати во Скопје.

Прочитано 523 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 2