Железничар минимално го порази Металург

18.10.2018 00:25
MJI_2339_original_resize

Во шестото коло на СЕХА-лигата во Скопје се одигра натпревар меѓу екипите на Металург и на Железничар Ниш. Оваа средба нашите ракометари ја очекуваа полни со надеж дека ќе ја извојуваат својата прва победа во ова регионално натпреварување. За жал, победата и бодовите му припаднаа на гостинскиот тим, кој славеше со минимални 29:30 (13:16).

Првата половина од првото полувреме мина во израмнета борба, при што на почетокот минимална предност имаше Металург, а потоа тимот на Железничар. Така беше се до резултат 8:8, а потоа во само четири минути гостите направија серија од 3:0 и стекнаа осетна предност, која Металург не успеа да ја анулира до самиот крај на овој дел од играта.

Второто полувреме го почнавме вообичајно лошо и веќе во 38. минута губевме со високи шест гола разлика, 16:22. Се чинеше дека пред нас е нов убедлив пораз, но, за разлика од претходните натпревари, Металург најде сили да се врати во игра и веќе во 46. минута намаливме на само два гола негатива, 22:24. Во последната четвртина од средбата се водеше огорчена борба за секој гол, а разликата постојано се движеше мегу два и три гола во полза на Железничар.

Драматична беше последната минута од средбата во која влеговме со заостанување од два гола, 28:30. Металург го искористи својот напад и преку Серафимов намали на 29:30, а потоа успеавме да се одбраниме и да ја освоиме топката, но за својот последен напад имавме само три секунди и не успеавме да дојдеме барем до поделбата на бодовите.

Веќе в сабота не чека натпреварот со Татран Прешов, исто така во рамките на СЕХА-лигата. И овој натпревар ќе го одиграме во Скопје, во ВИП Арената СЦ “Борис Трајковски“.

.

РК Металург – Железничар Ниш   29:30 (13:16)

РК Металург: Томовски (11 одбрани), Даниловски, Јагуриновски, Јагањац 5/10, Лазаревски, Димитриоски 2/3, Токиќ 4/5, Танкоски 4/8, Серафимов 9/10, Младеновиќ, Велковски 1/2, Миличевиќ 1/1, Додиќ, Маџовски 0/1, Стојановиќ 2/2, Арсеновски 1/1.   Седмерци: 9/9. Исклучувања: 6 мин.

Железничар Ниш: Михаљевиќ (5 одб.), Стошиќ (5 одб.), Лазиќ, Миловановиќ 1/3, Поткоњак, Сретеновиќ 3/8, Маџар, Вејин 8/9, Милосављевиќ 0/1, Живковиќ 4/6, Спасиќ 6/7, Марковиќ 2/3, Јевтиќ 2/2, Дамјановиќ 1/1, Кљајиќ 2/4, Павловиќ.   Седмерци: 4/4, Исклучувања: 6 мин.

Прочитано 320 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 + 6 =