Топ Вести

Жилав отпор на Металург во финалето на Купот на Македонија

19.05.2018 22:47
32856080_384191712082005_4925562881254096896_o_resize

Вардар очекувано го освои пехарот наменет за победникот во Купот на Македонија, но Металург се покажа како достоен противник, кој, ако игра со срце, е единствен тим во нашата земја што може реално да му се спротивстави на моќниот Вардар.

Денешното финале малку наликуваше на плејоф-средбата во која Металург загуби со катастрофални 19 гола разлика. Спротивно на таа средба денеска видовме мотивиран Металург, кој во најголем дел од натпреварот рамноправно се носеше со актуелниот европски шампион.

Почетокот на средбата му припадна на Металург, кој ги искористи одбраните на извонредниот Томовски и стекна предност од два гола, најпрво со 2:4, а потоа и со 3:5. Имаше можност Металург и да го зголеми водството, но малата криза во нашите редови резултираше со пресврт и со водство на Вардар со 7:5. Следеше мало шоу на нашиот капитен Филип Кузмановски, кој со серија од три гола ни го врати водството, 7:8. Последен пат стекнавме предност во 20. минута, кога со голот на Велковски поведовме со 8:9, а потоа Вардар го засили темпото, го сврте резултатот и својата предност не ја испушти до крајот на средбата. Првото полувреме заврши со резултат 14:12 во полза на Вардар.

Вардар подобро го отвори вториот дел од овој  интересен натпревар и набрзо стекна предност од 4 гола, 16:12. Металург се обиде да се спротивстави со напад со седум ракометари, но овој пат тоа не донесе резултат, па нашиот противник стигна до својата највисока предност од седум гола, 25:18. Но, за разлика од претходната средба меѓу овие две екипи, Металург не се исплаши од високата предност на Вардар и го нападна голот на Милиќ, па, со серија од 3:0, намали на 27:23. Истата разлика остана до самиот крај на средбата, која заврши со резултат 30:26.

Честитки за успехот на Вардар, но и честитки за машкиот отпор на нашите млади ракометари.

.

РК Вардар – РК Металург  30:26 (14:12)

Сала: „Младост“ во Битола. Гледачи: 1500.

РК Вардар: Милиќ 1 (11 одб.), Ѓорѓески, Стоилов 1, Недановски, Поповски, Кристопанс 3, Мораеш 1, Македа 3, Карачиќ 4, Абутовиќ, Канељас, Циндриќ 5, Дибиров 6, Шишкарев 4, Борозан 2.   Седмерци: 2/4.  Исклучувања: 4 мин.

РК Металург: Томовски (11 одб., 1 сед.), Данилоски, Маџовски, Јагањац 7, Димитриоски 3, Токиќ 1, Шилегов, Танкоски, Серафимов, Кузмановски 7, Илиќ, Велковски 1, Пешевски 2, Гуглета 3, Лазаревски, Арсеновски 2.   Седмерци: 3/3.   Исклучувања: 4 минути.

Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Скопје.

Делегати: Камер Металари од Скопје и Јово Василев од Битола.

Прочитано 294 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 1 = 6